Веста од Букурешт дека Македонија нема да добие покана за НАТО заради противењето на Грција која наметна вето за нашиот приклучок кон алијансата со големо разочарување одекна помеѓу граѓаните на Охрид. Тие сметаат дека Македонија сега не треба премногу да тагува туку да ги консолидира своите редови и да ја преиспита својата надворешна политика особено односите со Грција чиј арогантен однос не фрли на колена и ја понижи земјата пред меѓународната јавност.

За Валентина Нелоска, новинар, грчкото вето на самитот на НАТО е очекувано. Не ме изненади одлуката на Грција, но која ќе биде алтернативата и решението во оваа ситуација, не би можела да кажам. Политичарите ќе треба сега да одлучат и да донесат вистинска одлука за доброто на Македонија, вели Нелоска. Таа смета дека не добивањето покана за НАТО нема драматично да се одрази на иднината на Македонија, но државата ќе треба да ги преиспита билатералните односи со Грција.


Не е изненадена од грчкото вето-Валентина Нелоска

Веста од Букурешт дека Македонија не доби покана за НАТО, е разочарувачка не само за македонскиот народ, туку и за економијата и актуелната македонска политика, смета публицистот Никола Манески. Ветото на Грција претставува пораз за самата НАТО алијанса  бидејќи ретко која земја кандидат имала подршка од над 95% од населението за пристап во НАТО. Сметам дека последната одлука на Грција е очекувана заради  сите познати балкански игри по европските престолнини кои се  воделе и кои по традиција се водат низ историјата секогаш кога  во прашање е Македонија, смета Манески. Очекував исто така дека Грција нема да биде оставена сама во ветото за што говори и хермафродитната политика на уште една земја сосед која исто така  ја условува подршката за Македонија, додава Манески, според кого грчкото вето не е пораз на македонската политика туку на НАТО. Сега е потребно и државата и политичарите и народот да продолжат со истото темпо на реформи и да покажеме дека и НАТО и треба на Македонија, но и дека Македонија му треба на НАТО, вели Манески.


Разочарување-Никола Манески

Ние немаме стандард за НАТО. Со сто евра приход месечно и деца ученици како може едно четворочлено семејство да преживее, и затоа малку целата оваа работа ми е малку преамбициозна, вели Екрем вработен во паркинг сервис. Сепак тој нема дилема дека уставното име на земјата не смее да се менува заради НАТО.Зошто некој да не прекрстува ние немаме сто имиња туку едно, вели Екрем.


И онака немаме стандард за НАТО-Екрем

Од Букурешт добивме разочарувачка вест иако таму отидовме со шанси 50:50 и очекување дека ќе преовладее  позитивната половина, вели Љупчо Грданоски-службеник. Според него Македонија треба да ги преиспита билатералните односи со Грција и да ги прекине преговорите за името, со оглед на тоа дека официјална Атина не прифаќа компромисно решение за името под кое Македонија ќе се ословува во меѓународните организации.


Да се прекинат преговорите за името-Љупчо Грданоски

Иако потајно се надевав дека Македонија заслужено ќе го добие своето место во НАТО алијансата, после сите премрежја низ кои поминавме овие 17 години, реално не очекував апсурдниот проблем на Грција со името МАКЕДОНИЈА да биде завршен во последен момент, вели Васил Ложанкоски-службеник во општинската администрација. Стопирањето на Република Македонија во евро-атлантските интеграции, иницирано од Грција, е само јасна претстава на официјалната политика на Атина, која е против секое опстојување на нашата држава, посебно на нашиот македонски идентитет. Република Македонија, после ова, треба сериозно да ги преиспита билатералните односи со нашиот јужен сосед и да донесе одлуки кои ќе се од државен интерес и во интерес на нашите граѓани, вели Ложанкоски. Во овој момент најважно е задржување на присебноста на нашите политичари и изнајдување на компромисни решенија за иднината на државата после нашето не влегување во НАТО. Се надевам дека подршката која ја добивме од пријателите од САД и лично од претседателот Буш, ќе биде валоризирана на друг начин, завршува Ложанкоски.


Да ја задржиме присебноста-Васил Ложанкоски

Ohridnews