Речиси 2000 граѓани се против тоа проблемот со кучињата скитници во Охрид да се решава со егзекуција. На анкетното прашање на Ohridnews „Дали кучињата скитници во Охрид треба да се убиваат ?“, 840 читатели, или 36% одговориле негативно и сметаат дека таквиот чин е нецивилизациски. Други 451 читател, или 19% смета дека проблемот со кучињата скитници треба да се решава со други, похумани методи, 401 читател, или 17%, се на мислење дека е потребно Охрид да има поефикасна шинтерска служба, а 191 читател или 8% ја подржува идејата за успивање на кучињата скитници доколку потоа тие соодветно бидат згрижени.
Наспроти ова, 468 граѓани, или 20% одобруваат убивање на кучињата скитници во интерес на заштита на луѓето.
Проблемот со кучињата скитници кој вообичаено ескалира на зима и најавите на надлежните служби дека се размислува за набавка на специјални пушки за успивање на животни како можно решение, ја поделија охридската јавност. По ова следуваше реакција на градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески кој ја информираше јавноста дека кучињата скитници нема да се убиваат, туку ќе се бараат похумани методи за решавање на овој горлив проблем. Се надевеме дека мислењето на над 2500 граѓани искажани во анкетата на Ohridnews ќе биде од корист во изнаоѓање вистинско решение за проблемот со кучињата скитници во Охрид.
ohridnews