Граѓаните на Охрид се против убивање на кучињата скитници или користење на пушки за успивање животни за решавање на проблемот со зголеменииот број кучиња скитници на територијата на општината.

Во реакцијата до медиумите група загрижени граѓани изразува негодување на  начинот на кој градските власти во Охрид имаат намера да е справат  со кучињата скитници. Тие не ја подржуваат идејата на директорот на  Ј.П.“Охридски Комуналец“, Боро Павлоски, кој најави  дека се размислува да се набават пушки за успивање на кучињата скитници, кои за прв пат ќе се користат на овие простори. „ Се бара и  помош од ловџиите за нишанење и пукање во кучињата, а не се спомнуваат никакви алтернативни начини за справување со проблемот како стационар, кастрирање или каков и да е друг поблаг третман за животните“, се вели во реакцијата на група граѓани.

Кучињата скитници се проблем во секој град, но сметаме дека кога се работи за живи суштества, решението не може да биде толку едноставно. Убивањето со пушки па макар и за успивање и истребувањето не смеат да бидат опција, се наведува во соопштението. Потписниците бараат градските власти во Охрид да се откажат од намерата да убиваат кучиња по улици, и да применат некој  друг метод „кој иако поскап, ќе доликува на една општина или држава која се стреми кон европска иднина“.

Наспроти ова се поголем е и бројот на  граѓаните се жалат  дека  општината не презема доволно мерки во справувањето со  кучињата скитници во Охрид. Директорот на јавното комунално претпријатие Боро Павлоски неодамна изјави дека има појава на кучиња скитници на периферијата од градот, поради што помош била побарана од полицијата и Ловечкото друштво-„Охрид“. Павлоски информираше дека ЈП „Охридски Комуналец“ се обратило до СВР Охрид со барање за набавка на  специјални пушки за успивање на кучињата скитници, со што според него ефикасно ќе се реши проблемот кој со години го мачи Охрид. Дел од граѓаните не се согласуваат со ваквите решенија и барат општината да најде друг начин како да се справи со кучињата скитници.

ohridnews