Викендов во Центарот за култура „Григор Прличев“, во организација на Центарот за културен проток „Артерија“, беше отворена изложбата „Полукружење“ на уметничката група МОМИ од Скопје.
Љубителите на уметноста имаа несекојдневна можност да се запознаат со креативните дела на седумтте автори, поточно по едно дело од секој член на групата, изработени во различни медиуми, слики, цртежи, објекти и инсталации.
„Бидејќи Охрид е град на културата, очекувавме поголема посетеност, особено што публиката е веќе запознаена со работата на некои од нашите членови, кои веќе се имаат претставено со самостојни изложби во Охрид.“ – велат од уметничката група МОМИ.
Нивните уметнички дела покажуваат колку животот се протега надвор од своите субјективни граници и раскажува приказна за ефектите од глобалната културна интеракција на бинарни датотеки.
„Со користење на непопустливи креативни тактики, се создаваат дела кои рефлектираат нова претстава, применуваат различни правила од животот, фокусирани на разбивање на веќе создадената догматична, јавна или интимна мисла.“ – додаваат од уметничката група МОМИ.
МОМИ всушност претставува уметничка група од Скопје, во која членуваат седум уметници, Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска. Оваа изложба, за нив претставува шесто заедничко претставување под името „МОМИ“.
„МОМИ е група од седум уметници, кои на голем број заеднички проекти соработувале уште во рамките на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. обединети пред се поради сличниот сензибилитет и пристап кон темите кои ги обработуваат во своите дела. Делуваат како група од почетокот на 2012-та. По претставувањата во Скопје, Гевгелија, Кавадарци, Сплит и последното во Охрид,, треба да се претстават со изложба во Белград во јуни годинава, во организација на Музејот на современа на уметност од Скопје.“ – вели Ели Аиноска Христовска од Центарот за културен проток „АРТерија“.
Пред неколку месеци, охриѓани имаа можност да се запознаат со делата на скопската уметница Маја Кировска од „МОМИ“, која преку нејзините дела ги прикажа циклусите на природата со сличноста на однесувањето на живите суштества со неорганските супстанции.
Инаку, изложбата во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена до 28-ми мај.
О.Т.
фото: „Артерија“