Охриѓани уште еднаш покажаа големо срце и до „врв“ ја наполнија големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ на хуманитарниот концерт што го организираа ЛИОНС клубовите „Охрид„ и „Десарети“.
Предновогодишниот хуманитарен концерт на Охридскиот хор го проследија близу 700 посетители. Цената на влезниот билет изнесуваше 100 денари, а средствата од концертот ќе бидат наменети за Дневниот Центар за лица со интелектуална попреченост „Порака“.
„Исклучително сме задоволни од големиот одзив на охриѓани за оваа наша хуманитарна акција, со што верувам сите заедно исполнуваме една голема хумана цел“, ни изјави Ѓоко Апостолов од ЛИОНС клубот Охрид.
Покрај оваа хуманитарна активност, ЛИОНС клубот Охрид во соработка со Центарот За социјални работи – Охрид, започнува и акција за донирање облека на социјално загрозени лица и семејства.
„Центарот за социјални работи – Охрид прими меморандум со кој ЛИОНС клубот Охрид не информира дека доделува хуманитарна помош од нова неискористена обнлека во вредност од 5000 евра која е наменета за за лица и семејства со социјално загрозен статус“, ни изјави директорката на Центарот за социјални работи, Билјана Наумоска.
Организаторите на овие хуманитарни проекти најавуваат нови активности во Новата година со цел да им се помогне на оние лица на кои помошта од пошироката заедница им е неопходна.
Г. Момироски