На 22 март граѓаните на Охрид по четврти пат ќе избираат градоначалник на демократски избори. Со измените во Законот за тeриторјална организација и децентрализацијата, општините добија поголеми ингеренции, како и дел од надлежностите на државните институции. Оттаму локалните избори стануваат се попримамливи за партиите, а интересот да се биде дел од градската власт се поизразен.

Под локална капа се урбанизмот, образованието, дел од здравството, а со измените во законот, на општините ќе им припадне и голем дел од средствата од продажбата на државното градежно земјиште. Решавањето на комуналните и инфраструктурни проблеми, развојната политика и локалниот економски развој сега се во надлежност на Општините. Оттаму и очекувањата на граѓаните од локалната самоуправа се големи, особено во подобрување на нивното секојдневно живеење.

На градоначалничката функција на претстојните локални избори во Охрид претендираат шест кандидати: Александар Петрески – СДСМ,  Кирил Трендафилов – Нанче – ВМРО ДПМНЕ, Ацо Попоски – НСДП, Боро Павлоски – ЛДП, Томе Гиноски – ВМРО НП и Васви Доко – Нова Демократија.

Охриѓани се со поделени мислења за квалитетот на понудените кандидати. На тоа укажуваат и резултатите од анкетата на „Ohridnews“ На прашањето: „Дали кандидатите за градоначалник на Охрид поседуваат доволно квалитети за вршење на оваа функција?“, 33% од читателите имаа негативен одговор, а 28%.искажаа позитивно мислење. Делумно задоволни од квалитетот на кандидатите за градоначалник се 20 % од анкетираните, додека 19% од читателите сметаат дека има подобри кандидати за градоначалник на Охрид од предложените. Во анкетата на „Ohridnews“ беа опфатени 1007 читатели.

Резултатите од анкетата јасно укажуваат на поделени мислења на јавноста за квалитетот на кандидатите за градоначалник, во генерална смисла. Но пред секој од нив претстои тринеделна изборна кампања во која ќе имаат можност да ги разубедат, односно убедат охриѓани, дека се вистинската личност која треба да го води Охрид во наредните 4 години.

Ohridnews