Охрид денеска доби уште една туристичка атракција, Музеј на вода, место во кое сите посетители ќе можат да прошетаат низ вековите од античкото време, преку римското време, се до праисторијата.


фото: ДИГИТАЛ ФОТО МИКИ

Музејот на вода што се наоѓа во Заливот на коските во Градиште, свечено го отвори претседателот на Владата, Никола Груевски.


Музејот на вода е реконструкција на едно време, од железното и бронзеното доба, една реконструкција на живеалиште од тој период какво што нема во регионот, еден нов магнет за туристите кои ја посетуваат не само Македонија, туку и соседните земји. Место кое ќе биде инспирација за археолозите и за историчарите и за уживање на гостите, рече премиерот Груевски, додавајќи дека работите на овој проект продолжуваат со доизградба на целокупната наколна населба која ќе брои 24 куќички над водата.


.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман истакна дека со научните истражувања на локалитетот Плоча Миќов град се обезбедени бројни и драгоцени археолошки и научни податоци, значајни за почетоците на функционирањето на етногенезите, за почетоците на формирањето и препознавањето на племињата во етничка смисла. Во периодот од кога датира наколната населба, во тоа време живееле Бригите, најстарото племе познато на балканските простори, а кои најмногу ги имало во Македонија. Токму во тој период, меѓу 1.200 и 700 година пред нашата ера тие заминале во Мала Азија каде и ја формирале државата Фригија, што е мошне важно бидејќи ние сме на одреден начин етнички поврзани со нив, истакна Кузман.


Според министерот за култура Елизабета Канчевска-Милевска, Музејот на вода  претставува  исклучителен проект од висока културна, историска и туристичка вредност, за кој очекува да придонесе за поголема афирмација на културните вредности на Охрид, Македонија во светот.


Отворањето на Музејот на вода првивлече голем број граѓани кои љубопитно ги разгледуваа бројните изложени артефакти, и проследија и интересна претстава со игра и обичаи за кои се смета дека биле дел од таа дамнешна цивилизација. Новата култутурна знаменитост која се состои од три дела, Наколна населба, Римски каструм и музеј секојдневно ќе биде отворена за посетителите.

Ohridnews
фото: ДИГИТАЛ ФОТО МИКИ