Поголема група граѓани на Охрид, претежно млади, денеска одржаа мирни протести пред продажните места и претствништва на грчките компании во градот, незадоволни од актуелната грчка политика кон Македонија.
охриѓани денеска одржаа мирни протести
„Повод за протестот е грчкото вето за македонскиот влез во НАТО, со што сметаме дека е загрозена нашата државата и пред се македонскиот народ чиј идентитет се негира“, ни изјави Никола Шишкоски од здружението на граѓани „Христо Узунов“, кое заедно со здружението „Единствена Македонија“ го организраа мирниот протест.
Мирни протести за национално достоинство-Никола Шишкоски
Преку овој протест сакаме да им упатиме порака на грчките власти дека овде има народ со сопствен идентитет, рече Шишкоски. Тој најави дека сличен мирен протест ќе биде организиран и за време на Самитот на претседатели на држави од Централна Европа што на почетокот на мај ќе се одржи во Охрид, со цел како што рече: „да се чуе вистината за Македонија“.
Облечени во маички со македонски симболи, знамиња и други реквизити групата продефилира низ охридските улици со задржување од по десетина минути пред грчките продавници каде се скандираше името Македонија и се пееја македонски песни.
се протестираше пред грчките фирми во Охрид
Меѓу протестантите беше и некогашниот пливачки ас, Александар Маленко, кој истакна дека протестот има за цел да испрати порака за единство и зачувување на нашето име. „Ќе протестираме пред грчките фирми во Охрид сплотени за да докажеме дека едно име имаме-тоа е Македонија“-рече Маленко.
Едно име имаме – Александар Маленко
Протестите во Охрид минаа во мирна атмосфера, достоинствено и без инциденти. Организаторите најавија дека ова е само почеток на континуирани мирни протести што ќе се организират во иднина со цел, како што беше кажано да се зачува името на државата и идентитетот на македонскиот народ.
Горан Момироски
фото: Васко Бујароски