Второлигашкото охридско дерби одиграно пред две илјади гледачи му припадна на Охрид 04 кој го победи Охрид Лоте со 3-2 и го освои насловот есенски првак во Втората македонска фудбалска лига Играч на натпреварот беше ветеранот Антонио Нически, кој со своите додавање им сервираше победа на “рибарите“.
–
Секогаш дерби мечевите се тешки и имаат посебен сјај, секој сака да победи и таа победа ќе се раскажува до наредната пресметка. Насловот есенски прваци е голема сатисфакција за сите во клубот, од играчи, стручен штаб, управа. Овoј наслов ќе биде дополнителeн мотив, амбициите на клубот уште на стартот беа влез во Првата лига а еве по првата етапа ние сме на врвот. Многу години Охрид нема прволигашки фудбал и редно е од в година прволигашки мечеви да се играат во Охрид. Јас со моето искуство ќе придонесам да се оствари влезот во Првата лига – вели Нически кој покрај бројните асистенции со четири постигнати гола е втор стрелец во тимот.
Стратегот на“ белите“ Зоран Ѓорески ја истакна важноста на победата во градското дерби, потенцирајќи ја фудбалската димензија на мечот. –
Дербито ги оправда очекувањата. Градските мечеви имаат посебна тежина, противничката екипа без разлика на бодовното салдо и позицијата на табелата одигра максимално мотивирано и се до оној нивни автогол беше неизвесно. Јас верував во своите фудбалери дека имаме сили и знаење како да го добиеме натпреварот-истакна популарниот Џајо.
Охриѓани како што вели Ѓорески, на стартот ќе беа задоволни со место меѓу првите четири на табелата, но лидерската позиција им наметнува обврска да се борат за влез во фудбалската елита. –
Сега како лидери тргнуваме кон целта наречена Прва лига. Допрва претстои работа, зимскиот период ќе го искористиме максимално, ќе го зачуваме постојниот играчки кадар кој очекувам со неколку фудбалери да го надоградиме. Со добри подготовки Охрид по 15 години ќе добие прволигаш – смета Ѓорески.
Традицијата е на страната на охриѓани. Во поновата фудбалска историја од 2002 година наваму, во осум од деветте шампионати есенскиот лидер успеал да избори пласман во Првата лига. Единствено во 2007 година кога Миравци беше лидер на полусезоната, на крајот заврши како трето пласиран и преку баражот не успеа да избори прволигшки статус. Минатата сезона Брегалница прва мина низ целта во есенската етапа, додека преку баражот се избори за влез во елитата.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com