На едукативното предавање „Обезбеди се, не биди жртва на кражби“ во салата над противпожарната единица присуствуваа претставници на трите фирми кои стопанисуваат со станбени објекти во Охрид: „Мебо“, „Бизнис Центар“ и „Урбан Солитер“. Од претставниците на урбаните заедници беше присутен само еден претставник. На овој работен состанок, како што беше најавено, беа поканети претседателите на урбани заедници, заедници на станари, фирми кои стопанисуваат со станбени објекти и заинтересирани граѓани, но за жал, граѓаните не покажаа интерес да дојдат и да се информираат за методите за превенција на провални кражби.
Раководителот на секторот за превенција при СВР Охрид, Живорад Савиќ апелираше за важноста да се подигне свеста кај сите граѓани со цел спречување или минимизирање на кражбите во станбените објекти.
-Наш приоритет е да превенираме пред да се случи некоја провала, упад во станбена зграда, а за тоа ни е потребна соработка со сите граѓани. Секоја зграда претставува еден сегмент од целокупната слика за Охрид и сите заедно можеме да придонесеме за поголема безбедност и лична сигурност, а со тоа и подигнување на квалитетот на живот. – подвлече Савиќ .
Инспекторот Благоја Стевоски изрази жалење што никој од поканетите 20 граѓани не се одзва на повикот за оваа средба и покрај подготвената презентација за методите за заштита од кражби. Голем дел од нив, како што појасни Стевоски, биле повикани лично и по телефон и не беа познати причините зошто не успеале да дојдат на вчерашното предавање.
-Нашата цел беше да ги имаме двете засегнати страни, фирмите и станарите за да се намалат можностите за маневар од сторителите на кражби. Најважно е, пред се, постојано да функционира осветлувањето во станбените згради, зградите да имаат домофони и секој станар свој клуч или посовремените згради, како што имаат картички со чипови, по можност да се постави и видео надзор за ходниците да не бидат депо за размена на наркотици. И секако тука би ја спомнал соработката меѓу граѓаните и полицијата како тим во спречувањето кражби и други кривични акти. – порача Стевоски.
Инспекторката за домување, Славка Шеќерџи – Ристеска нагласи дека денес, во нашиот туристички бисер се уште може да се видат несредени згради, блокови со неискосена трева, фасади со графити, азбестни покриви, неадекватно однесување од станарите, викање, оставање отпушоци во дворот и по скалите, перење теписи на тераса и истурање вода од погорните спратови, тресење остатоци од храна или ќебиња на тераса, но ретко кој би можел да упадне во зграда со воспоставен куќен ред.
– Ова се реални проблеми кои сепак се должат на нашата домашна култура, несовеснот и негрижа за другите околу нас со кои го делиме станбениот внатрешен и надворешен простор. И секако, станарите мора да го познаваат и почитуваат Законот за домување. За жал , секогаш се крева вниманието во јавноста кога ќе избие некој проблем, инцидент, несакана последица, а не се работи на принципот на превенција. – рече Ристеска.
Претставниците на фирмите кои стопанисуваат со станбените објекти во градот се пожалија дека генерално, најголем проблем е материјалниот, односно неплаќањето на предвидените средства за зградите да ги имаат сите потребни заштитни механизми за превенција од провални кражби.
– Некогаш станарите се револтираат кога ќе им побараме пари за да се стави домофон или нова брава, што навистина е апсурдно кога може да трошат на други работи, а не се грижат за својата безбедност. – рече Климент Симоноски од фирмата „Урбан солитер“.
Даниела Печијареска, претседател на урбаната заедница Центар сподели позитивен пример од своето лично искуство како една зграда сепак може да биде целосно средена и да функционира најнормално. Таа го посочи примерот за зградата Печијаре како убаво место за живеење.
– Сметам дека се зависи од менталитетот на станарите. Ние како заедница добро се согласуваме и тековно собираме пари за сите наши неопходни потреби. Редовно плаќаме за осветлување, лифт, чистачка и слично, што се нормални трошоци за уреден станбен објект и квалитетен живот на сите станари. Мора пред се сами да се погрижиме да го дадеме својот удел во креирањето безбедна средина за живот, а полицијата да си ја врши својата работа. – рече Печијареска.
Овој состанок беше апел до сите граѓани да покажат поголема свест за да се спречат несакани последици по нечиј живот и да се трудат максимално да направат се што е во нивна моќ за личната сигурност и безбедност на својот имот со навремено реагирање и известување на органите на прогонот. Кампањата за зашитита од провални кражби вклучува неколку совети: инвестирање во безбедносни брави – брави со внатрешни шипки со жлеб и повеќеслојни прозорци, задолжително заклучување на вратите од сите станови и на влезната врата, по можност користење алармен уред на вратите и прозорците, како и видео надзор, инсталирање светла и осветлување кои се вклучуваат автоматски навечер. Како што изјавија од СВР Охрид, во иднина очекуваат поголема соработка од граѓаните во заедничката борба против криминалните дела, како што се провалните кражби.
ИваНа Чичоска