Недостатокот од слободно време и финансиски средства, се главните причини поради кои охриѓани поретко се интересираат за уредување на своите дворови и балкони со сезонски цвеќиња. Од земјоделските аптеки и цвеќарниците низ Охрид, велат дека иако сезоната за садење на сезонско цвеќе е започната, продажбата на семе и садници е многу мала.
-Најчесто работиме со жените од постарата генерација и пензионерките, додека пак младите многу поретко се интересираат за овој вид градинарство. Семе и садници за цвеќе купуваат само оние кои што имаат повеќе време и место за одгледување, како и оние кои имаат поголем стандард. Значи имаме неколку муштерии, кои на цвеќиња за уредување на својот двор и тераси трошат повеќе од 100 евра во сезона, но има и некои кои купуваат од една до две садници, велат продавачите на цветен расад.
Тие напоменуваат дека интересот за купување на цвеќиња е мал и поради тоа што голем број домаќинки, цвеќињата ги расадуваат и ги размножуваат сами.
Како и секоја година, така и оваа, најпродавани сезонски цвеќиња се оние кои растат од 10 до 20 санитиметри, како што се љубичиците, каранфилчињата, петуниите, џунџулињата, сарделите и други ситни видови. Цените на семенскиот материјал за цвеќиња низ охридските земјоделски аптеки се движи од 25 до 60 денари за кесичка. Садниците во цвеќарниците може да се купат по најразлични цени, во зависност од видот на цвеќето и се движат од 40 до 70 денари од коренче. Цветните садници може да се набават по пониски цени, само доколку се купат директно во охридските расадници.
Со цел да се поттикне разубавувањето на индивидуалните објекти со сезонско цвеќе, Општина Охрид неколку години наназад ја организира акцијата „Цветни балкони – Цветен Охрид“, во која до сега има поделно над 1500 жардиниери со сезонско цвеќе.
Е.М