Охридскиот Амак СП прв пат сезона ја почувствува горчината на поразот на домашен терен, откако беше поразен од првакот Фени Индустри со 78-85 (23-19, 15-25, 13-17, 27-25) во дербито на 15. коло во првата кошаркарска лига на Македонија.


Кавадаречкиот тим ги начна охриѓани, кои го претрпеа третиот пораз сезонава, втор од бранителот на трофејот кој прв пат во две години победи во Охрид. Конкурентиот охридски тим на хартија не ја покажа својата вредност на терен што резултираше со втор пораз во исто толку натпревари против шампионот. 

 – Сакам да им честитам и да им се заблагодарам на момците за прикажаното. По сите проблеми што ги имавме ова беше шампионска претстава – рече тренерот Емил Рајковиќ, кој се придружи на победничката песна која „татнеше“ од соблекувалната на гостите.


Почетокот на мечот им припадна на домаќините што со серија 6-0 го отворија натпреварот. Предводени од тандемот Богоев-Чубрило, охриѓани по првиот период имаа плус од пет поени. Ѓуров беше играчот кој ги измеша редовите во кавадаречката одбрана, по што домашните тешко стигнуваа до поени, а серијата од 8-0 почната од Самарџиев завршена од Димитриевиќ им донесе прво водство на гостите.
Избраниците на Марјан Лазовски се обидоа да го сменат ритамот на игра, но имаа серија промашувања, притоа дозволувајќи многу лесни поени на гостите.

Моравме да менуваме нешто, пробавме со брз напад, не погодивме неколку удари по кои не’ казнија. Мора да извлечеме поука од поразот. Не смее да не’ фаќа еуфорија кога ќе победиме, а депресија кога ќе изгубиме – вели Лазовски, кој смета дека во натпреварите во суперлигата може да го изненадат бранителот на трофеите.


По две минути игра во последниот период гостите се одлепија на 57-67, но на по серијата прекршоци Рајковиќ мораше да ги одмори Гоцевски, Кол и Ѓуров кои направија четврти фаул.

Но не ја искористија шансата охриѓани, Богоев (19 п) и Фрај (19 п) беа на нивото на задачата но не и центарското трио Агоч (5 п.) – Чубрило (10 п.) – Гамбирожа (4 п.) кое заедно постигнаа 19 поени само два повеќе од Гоцевски (17 п ) што на крајот се покажа како клучно во третиот пораз на Амак Сп сезонава.

M.Постоловски