Во рамки на одбележувањето на Неделата на Црвен крст од 8-15 мај, во организација на Црвен крст Охрид во чаршијата денеска се одржува хуманитарен хепенинг на кој учествуваат познати македонски музички ѕвезди.
Во тек е и крводарителска акција за која владее голем интерес кај охриѓани. Дополнителен мотив се и вредните награди, два плазма телевизори и ДВД плеер, кои ги обезбеди обложувалницата „Премиер“, а ќе ги добијат најсреќните тројца крводарители кои јавно ќе бидат извлечени по завршувањето на акцијата.
„ Финишираме со одбележувањето на неделета на Црвениот крст, од 8 до 15 мај под мотото „Наш свет – Ваш потег“. Денеска имаме еден голем хепенинг, проследен со крводарителска акција која што се надеваме ќе го собори минатогодишниот рекорд кога беа собрани 110 единици крв“, изјави Сашо Точко-претседател на Црвен крст Охрид.
Сашо Точко
Точко ја најави и донаторската конференција на конзуларните претставништва во Македонија, што утре ќе се одржи во Струга. „Охридскиот Црвен крст ќе учествува со два проекти и се надеваме дека ќе бидат поддржани како што беше минатата година“, додаде Точко. Тој информираше дека и оваа година на 30 мај ќе се одржи спортско хуманитарната акција „За посреќно детство“, која има за цел да им помогне на неколку социјално загрозени семејства и деца.