Граѓаните на Охрид кои имаат ниски приходи и живеат во колективни згради кои се постари од 10 години, можат колективно да аплицираат за поволни заеми во рамки на проектот на УСАИД и Хабитат Македонија за енергетска ефикасност за секторот домување.
-Во рамки на проектот се обезбедуваат заеми со кои се финансира менувањето на прозорци и балконски врати и се поставува фасада, со што се зголемува термичката изолација на домовите и се намалува загубата на топлинска енергија. Најпрвин се работеше за пилот проект во чии рамки беа реновирани три згради со различни начини на греење во Скопје и Куманово. Успешноста на овие проекти доведе до нова тригодишна иницијатива на овој проект кој сега се спроведува на целата територија на Република Македонија, вели Теодора Стефановска, проект координатор во Хабитат Македонија.
Таа објаснува дека право на учество во проектот имаат станбени згради кои се изградени пред најмалку 10 години, а заедниците на сопственици односно традиционално познатите „куќни совети“ треба да се согласни да земат поволен заем за финансирање на енергетско ефикасните мерки.
-Најмалку 50% од семејствата што живеат во зградата треба да спаѓаат во категоријата семејства со ниски приходи што живеат во супстандардни услови. Исто така во текот на процесот на аплицирање не треба да има градежни активности во зградата, а сопствениците на становите треба да се согласни да соработуваат со проектниот тим, техничките лица, претставниците од општината, УСАИД и Хабитат Македонија и да дозволат енергетски мерења, анкетирања на станарите и слични активности, објаснува Стефановска.
Станарите кои живеат во згради коишто ги исполнуваат критериумите, потребно е да испратат пријава за вклучување во проектот, да обезбедат мнозинство согласност од сопствениците на станови за финансирање на мерките, да си изберат изведувачи за истите и да склучат договор за програмски заем.
-Станарите, односно сопствениците на станови од избраните згради, ќе треба да потпишат согласност и договор за користење на заем за спроведување на избраните енергетски ефикасни мерки пред започнување на каква и да е градежна активност поддржана од проектот. Станарите најчесто се одлучуваат за замена на дограмата во своите станови, за изолација на фасадите и на кровните конструкции. Покрај финансирањето на енергетско ефикасните мерки, проектот воедно работи и на јакнење на капацитетите на сопствениците на станови за управување на своите згради, согласно Законот за домување. Тоа го реализираме преку обуки за станари, ресурсниот центар достапен на www.domuvanje.org.mk и преку Прирачник за управување со колективни станбени згради, во кои се сумирани законските прописи и искуствата стекнати за време на спроведување на проектот, дополнува Стефановска.
Досега во проектот се вклучени 31 зграда од 7 општини во Македонија, односно енергетско ефикасни мерки се преземени во домовите на 603 домаќинства. Енергетските контроли на зградите, во кои станарите користат електрична енергија за греење, со заменета дограмата, изолација на фасадата и изработка на кос кров, покажале заштеда од 29% во однос на трошоците за електрична енергија. Станарите по една година од инвестицијата, плаќаат 29% помалку за електрична енергија, заштедени пари кои сега ја покриваат ратата за земените заеми.
Е.М