Филмот „Ке Д’Орсе“, на режисерот Бертран Таверние ќе го отвори 7-то издание на Фестивалот на француски филм, кој од 18 до 22 јуни 2014 година ќе се одржува во Скопје. Според официјалната програма на фестивалот, во Охрид ќе има само една фестивалска вечер, во која ќе биде прикажана само една филмска проекција.

На свеченото отворање фестивалот, кое ќе се одржи во киното „Милениум“ во Скопје, најавено е присуство на ексклузивни гости од француската кинематографија меѓу кои: актерот Жаки Бероаје, продуцентите Фредерик Бурбулон и Ален Мајор и режисерите Мона Ашаш и Жан-Кристоф Розе.

На 19 јуни, во „Кинотека Македонија“ ќе има проекција на филмот „Капетан Конан“ од режисерот Бертран Таверние, а во киното „Фросина“ ќе има проекции на филмовите „Ив Сен –Лоран“ на Жалил Лепер и „Венера во крзно“ на Роман Полански. Истата вечер проекција на филмот „Ив Сен –Лоран“ ќе има и во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, каде што според најавите ќе треба да присуствуваат и дел од ексклузивните гости на фестивалот.

На 20-ти јуни во „Кинотека Македонија“ ќе се одржи „Вечер во чест на Долна Нормандија“ и ќе биде прикажан филмот „Светлината на зората“ од режисерот Жан-Кристоф Розе. Истата вечер во кино „Фросина“ ќе има проекција на филмовите „Газели“ од Мона Ашаш и „Заминување“ од Емануела Берко.

На 21-ви јуни во „Кинотека Македонија“ ќе има проекции на краткометражни филмови, избрани од „Домот на визуелни дејности на Долна Нормадија“, а во кино „Фросина“ ќе се прикажат филмовите „Од Трње“ на Ромен Никола и „Голгота“ од Фабрис ди Велц.

Фестивалската програма ќе заврши на 22-ри јуни со проекција на филмовите „Покажете го јазикот госпоѓице“ од Аксел Ропер и „Љубовта е совршено злосторство“ од Жан-Мари Ларие, кои ќе се прикажат во киното „Фросина“ во Скопје.

OhridNews