Деновиве дел од медиумите пренесоа дека комуналните инспектори ќе ги контролираат и казнуваат луѓето кои живет во зграда што гледаат кон булеварите и плоштадите, а најчесто своите алишта ги сушат на тераса закачени на жица или ограда. Иако ова се дел од решенијата во Одлука за комунален ред на Град Скопје за кои треба да се дебатира, сепак некои национални телевизии информацијата ја пренесоа без да наведат дека истата се однесува само на главниот град.
Во подзаконски акти кои различно се толкуваат во јавноста, а кои се дел од Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради во Република Македонија, стои дека „во становите од станбената зграда не треба да се сушат алишта на места кои не се определени за таа намена“. Во тој контекст, се препорачува користење на заедничките делови во станбените комплекси, а за неисполнување на овие препораки не се предвидени казни и санкции за граѓаните.
Во минатото произволно се протолкуваа позаконските акти
Пред две години, за истата оваа информација од Министерството за транспорт и врски ја информира јавноста дека станува збор за дезинформација и неточно толкувањае на подзаконски акти, кои непроверени се пласираат до јавноста.
„Овој подзаконски акт е стапен во сила пред повеќе од две години, а пропишаните норми и стандарди за домување во станбените згради претставуваат препораки за функционирање и одржување на станбените згради, особено на заедничките делови. За неисполнување на овие препораки не се предвидени казни и санкции за граѓаните, туку истите се дадени исклучиво со цел да претставуваат упатство во одржувањето на станбената зграда и нејзиното подобро функционирање. Заедницата на сопственици на посебните делови или управителот на една станбена, односно нејзините жители можат да ги прифатат овие препораки и да ги применуваат или пак да не ги прифатат што е во зависност од самите нив.“ – информираа пред две години од министерството за транспорт, по повод пишувањето во медиумите дека е забрането сушењето алишта на балкони.
Лавина реакции по социјалните мрежи
Деновиве, социјалните мрежи беа место каде се дебатираше дали овие „одлуки“ се прифатливи за самите граѓани. Дел сметаат дека истите не би биле коректни за жителите на општина Охрид, бидејќи зградите во градот немаат заеднички простории кои би го користеле самите станари.
„Оние згради кај кои во градбата биле предвидени колективни простории, денеска се изнајмени на приватни лица, изградени се поткровја, односно апартмани и станови. Се уште не сум видел станбен комплекс каде што функционираат овие „сушални“. Мое мислење е дека доколку некогаш ваква одлука се предвиди за нашата општина, истата би била некоректна кон самите охриѓани имајќи ја предвид ситуацијата на терен.“ – сметаат дел од граѓаните.
Во Скопје правилата ќе важат и за луѓето кои живеат во куќи
Во Одлука за комунален ред на Град Скопје, предвидени се казни и за оние кои терасата ја користат како магацински простор, чуваат стари машини за перење алишта, фрижидери, шпорети или плакари. Овие правила важат и за луѓето кои живеат во куќи кои се наоѓаат на булевари или плоштади. Истите, имаат забрана да садат дрвја чии плодови ќе ја валкаат јавната површина. Ќе се забрани и протекувањето од клима уредите врз надворешните делови на објектите и на тротоарите, а казни ќе има и за оние кои цртаат по фасадите.
О.Т.