Како дел од проектот „Астрономски караван 2009“, скопското астрономско друштво на  4-ти и 5-ти јули ќе го  посети Охрид каде ќе одржи научни предавања и јавно набљудување на небесни тела.

Теми на предавањата ќе бидат „Дали човекот стапнал на Месечината?“ и „Сончев систем“, а вечерта на 4ти јули, граѓаните и туристите ќе можат да ги набљудуваат Месечината и планетата Сатурн, за што ќе биде поставена соодветна опрема во близина на пристаништето.
   
Покрај ова планирана е изложба на 43 астрофотографии направени од членовите на скопското астрономско друштво за време на теренските набљудувања во изминатите 10 години. На фотографиите ќе можат да се погледнат најразновидни небесни објекти: маглини, галаксии, ѕвездени јата, планетите од Сончевиот систем, Сонцето и Месечината.

Целите на проектот се популаризација на астрономијата, особено кај најмладите и зголемување на интересот за истражување и наука кај граѓаните, велат од скопското астрономско друштво. Долгорочно се планира отворање на астрономски клубови во градовите каде што ги нема, како и поттикнување на училиштата повеќе да ја застапат астрономијата во наставните програми во основното и средното образование.

Проектот „Астрономски караван 2009“, е дел од активностите со кои астрономското друштво од Скопје ја одбележува меѓународната година на астрономијата.

Ohridnews