Охридските почитувачи на културните вредности имаа несекојдневна можност да ја видат убавината и грандиозноста на најубавите чешки замоци и дворци, во рамки на изложбата „Замоци, дворци и споменици на УНЕСКО во Република Чешка“, која беше отворена вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Величествените градби беа изложени на 20-тина специјално изработени постери, на кои покрај фотографиите од замоците и дворците имаше и кратко објаснување за историјата и значењето на истите.

Изложбата за отворена ја прогласи Амбасадорот на Република Чешка во Република Македонија Мирослав Рамеш, кој истакна дека му претставува посебно задоволство што токму во Охрид се презентира дел од чешкото културно богатство.

Директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“ Драгана Боцевска, рече дека изложбата има за цел да го претстави богатото културно наследство на Чешка пред македонската публика.

-Изложбата  е една одлична и уникатна можност и за охриѓани и за туристите кои престојуваат во Охрид да се запознаат со огромното чешко културно богатство, односно со спомениците на културата кои се заштитени од УНЕСКО, рече Боцевска.

Таа истакна дека организирањето на оваа изложбата е втора соработка со Амбасадата на Република Чешка во Македонија и изрази надеж за реализација и на слични проекти во иднина.

Изложбата беше збогатена со гостување на детски хор од Чешка, кој изведе неколку хорски композиции.

OhridNews