Со Марш на мирот, во организација на Општинската организација на СБ од НОАВМ 1941-1945 и грѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и локалната самоуправа на општина Охрид, денес, под мотото “Партнерство за мир – достоинство за сите” се одбележа Денот на светскиот мир.

Маршот заврши на градскиот плоштад каде беше положено свежо цвеќе пред бистите на паднатите борци и илинденци, а од страна на актерот Ивица Цонев беше прочитана пораката  за мир од Генералниот  секретар на Обединетите Нации , Бан – Ки Мун кој ги повика завојуваните страни да го положат оружјето, за глобален Прекин на огнот.

Овогодинешниот Меѓународен ден на мирот се случува во време на смртоносно насилство и дестабилизирачки конфликти низ целиот свет. Наместо да подлегнеме на очај, имаме колективна одговорност да се сопрат бруталноста и казнувањата што преовладуваат. Ги повикувам сите завојувани страни да го положат оружјето и да придонесат за глобален прекин на огнот. Да им кажам: Стоп за убиствата и уништувањето и да се создаде простор за траен мир. Иако тоа може да изгледа безнадежно далечно, сонот за мир пулсира во животите на луѓето насекаде, стои во пораката на Бан Ки Мун.

Пред присутните, во име на локалната самоуправа, се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев кој истакна дека одбележувајќи го овој ден се приклучуваме кон заедничката порака за запирање на сите војни и насилства  во светот и владеење на мирот и благосостојбата  меѓу луѓето.

Државите и нациите каде се водат војни, наместо со оружје и жртви, несогласувањата нека ги решаваат со преговори, а господарите на војната мора да паднат и да се судат за нивните злосторства. Тажно е што ваквите универзални пораки за мир и почитување на човекот и неговото право на слободен живот, тешко пробиваат до водачите на многу војни и вооружени судири кои моментално се водат  во светот. Тажно е што овие пораки сеуште наликуваат на сон, иако со добра воља на луѓето многу  лесно се остваруваат. Нека победи добрата воља. Нека престанат војните во кои бесцелно се губат човечки животи и се уништуваат материјални и културни добра. Луѓето во светот нека живеат во мир,слобода и благосостојба, рече Јанев.

Потпретседателот на СБ од Охрид и Дебрца, Никола Стефаноски, ги повика присутните со една минута молчење да им оддадат почит на сите оние кои ги положиле своите животи во име на слободата.

Деновиве сведоци сме на голема бегалска криза предизвикана од воени дејства на Блискиот Исток. Само од Сирија има над 450.000 мигранти кои спас бараат во Европа. Тоа е само еден пример кој го нарушува спокојството на народите и која криза е последица на воени премрежија. Затоа во името на мирот посакуваме сите луѓе да носат во душата чуство на слобода, само така луѓето ја претвораат својата земја во татковина, рече Стефаноски.

Со Резолуција на Генералното собрание на ООН од 2001 година, 21 Септември е прогласен за Ден на светскиот мир. Резолуцијата ги обврзува сите земји и држави членки на ООН, редовно и секоја година, Денот на мирот да се одбележува со соодветни програми.

OhridNews