Партиските ограноци во Охрид се согласуваат со мислењето на граѓаните, но речиси сите без исклучок одговорноста за ваквата состојба не ја лоцираат кај себе, туку кај политичките ривали.
Според ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид, виновна за политичката некултура е градската власт, која според оваа партија нема демократски капацитет да ги прими критиките упатени на нејзина адреса за лошото работење. Наместо одговор на поставените прашања за проблеми кои ја тангираат јавноста, се пласираат навреди, велат од ВМРО ДПМНЕ.
– Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид, поради тоа, поведе и јавно иницијатива за средба со Градоначалникот и Претседателот на ОО на СДСМ во Охрид на тема нивото на политичка комуникација, за која немаме добиено никаков одговор. Одговорот засега од страна на Петрески и СДСМ е во форма на навреди на лично ниво користејќи термини како што се -“фашисти” , “гебелсовци” , “налеани” , “песочни глави”-посочуват од ОК ВМРО ДПМНЕ, според која недозволливо и недостоинствено е да се користи таков речник.
Со мислењето на граѓаните кое го отсликуваат резултатите од анкетата на OhridNews се согласува и општинската организација на СДСМ, која пак, одговорноста за ниското ниво на политичка комуникација во Охрид ја гледа во ВМРО ДПМНЕ.
-Таквата политика на ниско ниво на комуникација потекнува од Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, со личните напади врз градоначалникот на што сведок е и јавноста. Тука не се напаѓа политика, туку се оди на навреди и дискредитации, како што е на централно ниво, па најверојатно се работи за иста директива.-велат од СДСМ, нагласувајќи дека тие како партија максимално се воздржуваат од прифаќање на таков начин на дискредитација.
Според ВМРО – Народна партија за ниското ниво на политичка комуникација во Охрид подеднакво виновни се и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.
– Условно, двете најголеми политички партии со меѓусебната дискредитација секојдневно се обидуваат да соберат евтини политички поени, понесени од идеите на своите централи дека со медиумски инженеринг ќе го зголемат својот рејтинг, заборавајќи дека при тоа проблемите на граѓаните остануваат нерешени. -велат од ВМРО НП. Оттаму најавуваат дека како и до сега со конструктивни предлози ќе работат во насока на решавање на секојдневните проблеми на граѓаните и нема да се впуштаат во меѓусебни препукувања.
Резултатите од анкетата што ја спроведе нашиот интернет портал не се изненадување ниту за локалната самоуправа.
-Резултатите за ниското ниво на политичка култура и комуникација се опомена и треба сите да не предупреди да преземеме чекор повеќе за подобрување на веќе загрижувачката состојба.-посочуват од локалната самоуправа, според која, треба да се подобри нивото на комуникација меѓу позицијата и опозицијата и на седниците на Советот на општината, односно политичките расправи да ги водат политичките партии, а не советниците.
Клучен проблем за надминување на ниското ниво на политичка комуникација,според кабинетот на градоначалникот Александар Петрески е постојаното емитување на соопштенијата за меѓупартиски прашања од страна на ОК на ВМРО- ДПМНЕ на негова, наместо на адресата на ОО на СДСМ.
– Во таквата комуникација често се употребуваат непристојни квалификации и навреди на кои во интерес на односот кон јавноста и политичкото позиционирање треба да се возврати. Во интерес на развојот на демократијата и почитување на правилата на игра, локалната самоуправа е против ваквата практика и слично ветување очекува од другите, особено од ОК на ВМРО- ДПМНЕ од Охрид.-велат од Локалната самоуправа.