Во други податоци кои можат да се најдат за овој настан се наведува дека археолошкиот локалитет го откриле стручњаци на охридскиот Завод и Музеј во мај 1967 година при изградба на станбена зграда. Поради специфичноста на просторот на кој има повеќе станбени објекти, а најмногу поради недостиг од средства, не се продолжило со пообемни истражувања. При истражувањата на северозападниот дел на локалитетот биле пронајдени и две статуи на египетската божица Изида. Тие сега се чуваат во витрините на куќата на Робевци и претставуваат особено атрактивни експонати. Просторот под зградата каде што е откриен овој локалитет е заштитен со посебна метода.
Се претпоставува дека оваа градба, посветена на божицата Изида, датира од времето кога македонските војски се повлекувале од Египет на просторот на Македонија. Со нивното доаѓање на овие простори, тие со себе донеле и дел од културното наследство и некои верувања од стариот Египет. Така се случило и култот кон божицата Изида, да биде пренесен кај нас.
Изида е божица на плодноста и мајчинството од египетската митологија. На египетски Aset или Eset – таа припаѓа на Енеадата од Хелиополис. Таа е сестра (и жена) на Озирис, Нефтида и Сет, ќерка на Нут (Небото) и Геб (Земјата) како и мајка на детето Хорус. Во иконографијата на обожувањето, таа е претстава за архетип на сопруга и мајка.