Велигден најпрво се прослави во Австралија на јужната хемисфера. Овој пат заедно славеа сите христијани. Повеќе илјади Македонски верници кои живеат на Австралискиот континент го прославија Христовото воскресение во нашите Македонски цркви и манастири. Иселениците во Мелбурн и Викторија, синоќа на полноќ беа во десеттината Македонски свети храмови во јужниот дел од Австралија.


Една од попосетените беше црквата посветена на Свети Ѓорѓи и Успение на Пресвета Богородица во областа Епинг во Мелбурн. Овој храм беше полн со Македонски верници од повеќе генерации наши иселеници, кои ја проследија воскресенската богослужба, палеа свеќи за здравје и среќа, вртеа околу црквата со свечената литија, си го честитаа празникот со поздравот Христос воскресе-Вистина воскресе, се кршеа со Велигденски јајца.


– Иако  илјадници километри сме далеку од нашите родни огништа, ги чуваме обичаите и традицијата и со голема почит и воздигнато чувство го славиме нашиот најголем христијански празник Велигден. Секоја година овде има се повеќе верници во нашите Македонски храмови, со што се помасовно и подостоинствено се слави празникот на Христовото воскресение.- ни изјави Васко Ангеловски, иселеник од Охрид.


Македонските иселеници, чиј број на подрачјето на Мелбурн и Викторија се проценува на околу сто илјади, а во цела Австралија на повеќе од триста илјади, денес празнуваа со традиционалната богата  Велигденска трпеза, во кругот на најблиските од семејството и пријателите со кои живеат и се дружат во новите домови.

                            Нина Кепеска