Уште од вчера, а помасовно изутрина, охриѓани ја посетуваат црквата посветена на Св. Еразмо Охридски во чиј спомен се празнува денешниот ден. Колони возила беа паркирани од двете страни на магистралниот пат Охрид – Скопје, а голем број верници стрпливо чекаа во ред да запалат свеќа.


Утрово во црквата во Св. Еразмо се одржа богослужба на која присуствуваа повеќе верници.  Дел од нив покрај молитвите и палењето свеќи, оставаа и дарови за здравје.


Култот на славење на Св. Еразмо е посебно изразен во Охрид, каде светецот поминал дел од животот во пештерската црква сместена над сегашниот храм во близина на Охрид, која постои и денеска. За време на својот живот се смета дека Св. Еразмо во овој крај покрстил околу 20.000 луѓе.

Св Еразмо Охридски

Овој светец од Бога даруван со чудотворна моќ е роден во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелието па така стигнал и во Охрид. Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан кој му наредил на бакарниот кип на Зевс да му се поклони и да му принесе жртва. Но Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот. По овој настан Св. Еразмо крстил 20000 луѓе но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот како што многу порано го ослободил и Св. Петар. Пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот.