Поради временската разлика од десет часа со Европа, православниот Божик и Христовото раѓање прво беа прославени во Австралија на јужната хемисфера. Повеќе илјади верници кои живеат во Австралија, а потекнуваат од Македонија, меѓу кои голем број од Охрид, ги исполнија десеттината Македонски цркви и манастири во Викторија и подрачјето на Мелбурн, Австралија.

На прв ден Божик во храмот Успение на Пресвета Богородица во Сиденхам, се одржа света архиерејска литургија со која чиноначалалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски и администратор на Австралиско-сиднејска епархија, г. Тимотеј во сослужение на парохискиот свештеник Ефтим Бетински, протоерејот Никола Христовски и протоѓаконот Николче Ѓурчиноски.

На втор ден Божик, Митрополитот Тимотеј отслужи литургија во Храмот Св. Јован Крстител во Џилонг.

На празникот Св. Стефан, трет ден Божик, владиката Тимотеј во сослужение на новиот парохиски свештеник отец Климент Станковски, протоереј Ставрофор Ефтим Бетински, протоереј Никола Христоски, игумен отец Гаврил Галев и протоѓаконот Николче Ѓурчиноски, богослужеше во црквата Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица во Епинг, која е првата Македонска православна црква изградена надвор од Македонија. На богослужбата присуствуваа стотици македонски правослани верници од сите генерации.

– Иако сме толку далеку од нашата Македонија, ги почитуваме и тука обичаите и во голем број ги посетуваме црквите за празниците. Иселениците во Австралија, чиј број се проценува на повеќе од 300 илјади, посакуваат да се сплотат и без делби и раздори заедно со Македонците во татковината и светот да се борат за решавање на отворените македонски прашања за зачувување на името, нашата вера и црква и идентитетот во овие критични времиња за нашата света земја. – порачаа македонските иселеници во Австралија.

OhridNews