Охридските ракометари ги освоија трите бодови во Велес победувајќи го со 25-21 (11-11) составот на Борец во шестата рунда од ракометната елита.
До третата победа на гостински терен вкупно четврта сезонава „гладијаторите“ стигнаа со маестрална игра во вториот дел.
Во првиот, домаќините играа подобро и поумешно што им донесе предност од три погодоци, но ракометарите на Охрид со серија од три погодоци во финишот успеаја да се изборат за егал на семафорот.
Сликата на теренот комплетно се промени во второто полувреме кога „гладијаторите“ го покажаа сиот квалитет кој им донесе прв пат водство од три па пет разлика (21-16).
На голот брилираше Кирил Колев, а нападот погодувајќи од секоја позиција ги фрли во очај домашните ракометари.
Ракометарите на Борец се обидоја на секој начин да ја стигнат предноста на гостите, но успеаја само да го ублажат поразот (25-21).
Со трите бодови „гладијаторите“ се зацврстија во горниот дел од табелата и со голем мотив ќе го пречекаат тимот на Прилеп во „Билјанини Извори“ во седмата рунда.
Мх.П.