Ракометарите на Охрид со гостувањето во Велес кај новајлијата во Супер лигата, Борец во шестата рунда од шампионатот ќе го комплетира маратонот мечеви во елитата.
Охриѓани во една недела одиграа три средби против Радовиш, Пелистер и Металург, а дуелот со велешани ќе биде четврти во период од десет дена.
Во трите мечеви избраниците на охридскиот стратег Горан Андоновски забележаа две победи над Радовиш и Пелистер и претрпеа пораз од Металург.
– Задоволни сме од нашето бодовно салдо на табелата од досегашните одиграни натпревари, но ова е само почеток. Како што сите знаат оваа сезона нема лесен противник во Супер лигата и секој следен меч за секоја екипа е од исклучително значење. Така и натпреварот со Борец во кој ние секако ќе атакуваме на бодовите. Хендикепирани сме со неиграњето на повредениот Мите Караиванов, но исто така и немањето на резервна опција. Со Металург покажавме дека можеме, но тешко е да се игра со една постава цел натпревар. Исто така и заморот во овој период ќе одигра своја улога бидејќи мечот со Борец е четврти за краток период. – рече Андоновски.
Во зависност од паузата на Караиванов охридскиот клуб размислува за ангажман на некој лев бек кој би и помогнал на екипата во престојните мечеви во Супер лигата.
Противникот на „гладијаторите“ во шестата рунда има скор од две победи и три порази и се наоѓа на седмата позиција додека охридските бели со три победи и два порази се на четвртото место на табелата.
Мх.П.