Осумчлена екипа од охридскиот клуб „З`ш Авантура“ успешно се искачи на врвот Триглав во Словенија. Екипата ја сочинуваа седум охриѓани и една битолчанка, а сите заедно успешно ја завршија мисијата.

– Ние уште од минатата година со самите тренинзи за големиот маратон на „Галичица“ под мотото „Движи се да не заборавиш да одиш“, започнавме подготовки за оваа акција. Мисијата на Триглав ја завршивме успешно искачувајќи се и враќајќи се здрави и живи сите заедно. – изјави Жанко З`ш Голабоски.

На патот кон Триглав, голема поддршка планинарска екипа од Охрид доби од словенечкиот амбасадор во Македонија професор д-р Милан Јазбец, кој помогнал околу сместувањето и неопходниот водич на планина.

– Кога пристигнавме бевме одлично примени и сместени. Очекувавме некој планинарски водич, а со нас дојде еден од најголемите бизнисмени во Словенија, Душан Шошек. Во турата учествуваа уште неколку словенечки државјани кои беа заедно со своите дечиња не поголеми од четири години. Искуството да се дружиш и планинираш со такви луѓе е непроценливо и сите ние јавно им се заблагодаруваме. – потенцираше Голабоски.

Околу искачувањето на Триглав, Голабоски раскажува дека технички врвот е доста тежок, а секој планинар треба да биде максимално подготвен и опремен.

После завршување на мисијата Триглав, охриѓани имаа прием кај амбасадорот Јазбец на на кој му се заблагодарија и го зачленија во клубот „З’ш Авантура“.

OhridNews