Православните празници кои традиционално се одбележуваат овие месеци, жителите од охридскиот регион најчесто ги чествуваат како свои куќни слави. Овие празнувања, кај народот се пренесуваат од постарите генерации, а најчесто се поминуваат со најблиските од фамилијата. Од една страна, преку овие чествувања се искажува почит кон заштитникот на куќата, а од друга страна се задржуваат контактите со потесниот круг на семејството и пријателите.

Трпезата за време на овие големи христијански денови кај охриѓани е традиционално богата. Во зависност од периодот во кој паѓа празникот, славата може да биде посна или мрсна. Како што налага Македонската Православната Црква, празниците се одбележувааат на свој начин преку принесување на бескрвна жртва.

Така, во текот на вчерашниот ден православните христијани масовно ги посетија охридските верски храмови. Во црквата „Св. Никола“ во Долна Влашка Мала, најпрво се оддржа утринска света божја литургија по повод празникот Собор на Свети Архангел Михаил, додека попладнето се служеше вечерна богослужба по повод празникот Преп. Матрона Цариградска.

Лебот кој се пее за време на литургијата го претставува Христовото тело, додека виното ја претставува неговата крв. Кога лепчето се натопува со вино, тоа означува соединување на Христовото тело и крв во една супстанција.  Сакам да напоменам дека кај народот постои забуна кога се чествува празникот Матрона Цариградска со Света Петка.“ – вели отец Сашо, од црквата „Св. Никола“ во „Долна влашка мала“.

Оние кои го посетија овој верски храм, велат дека славите се чествуваат во склоп на семејствата, а истите се пренесени од колено на колено од постарите генерации.

Порано правевме големи селски слави, каде доаѓаа сите роднини и пријатели, блиски и далечни. Двајца членови од фамилијата го чествуваат овој празник, па затоа во потесниот семеен круг, едни даваат вечера спроти денот, додека други ручек.“ – вели охриѓанка.

Трпезата за време на славите е богата со традиционална македонска храна. Карактеристично е тоа што домаќинките се трудат од година во година поатрактивно да ја збогатат трпезата, украсувајќи го лебот, пченицата и останата храна со различни декорации.

Преп. Матрона Цариградска е од Пергија Памфилиска. Брзо и се смачил бракот со некој цариградски велеможа Дометијан, та побегнала, се пресоблекла во машка облека и под името Вавила стапила во манастирот „Св. Васијан“ во Цариград. Бидејќи нејзиниот маж непрестајно ја барал, таа била принудена да промени многу места како: Емес, Синај, Ерусалим, Бејрут и најпосле пак дошла во Цариград. Се замонашила на 25 -тата година, и се подвизувала 75 години. Живеела 100 години и мирно починала и се преселила во радоста на својот Господ во 402-та година.

Додека, во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето. Според преданието тој стоел на рајските порти и во едната рака држел сабја а во другата терезија. На едната страна од терезијата ги ставал добрите дела, а од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот.

O.T.