Охриѓани и овој пат не штедеа пари за да им угодат на своите деца за матурските прослави. Скапи тоалети, семејни веселби дома, но се почесто и во ресторан, подароци и што уште не го испразнија и онака тенкиот буџет на граѓаните.

Економската криза очигледно не влијаеше многу на традиционалните навики кои од година во година се надополнуваат со уште некоја „ситница“. Дека матурите ги потрошија граѓаните покажува и анкетата што ја спроведовме на нашиот портал.
На прашањето: Колку потрошивте за матурата на вашето дете?, најголем дел, или 35% од анкетираните читатели одговориле дека прославата на матурата ги чинела над 1000 евра. Од 100 до 300 евра потрошиле 24% од анкетираните, 23% потрошиле од 300 до 500 евра, додека 18% се изјасниле дека за матурата потрошиле помеѓу 500 и 1000 евра. Во анкетата беа опфатени 765 читатели.

Матурските прослави завршија, учениците сега ги чека полагањето на државната матура, па уписи за факултет, што им создава дополнителни главоболки на родителите.

Ohridnews