Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ Скопје е единствено средно училиште за ученици со оштетен слух. Во рамки на своите активности од 2. до 5. октомври Центарот со 14 ученици, од кои неколку охриѓани ќе биде дел од меѓународниот проект Знакот е гласен кој ќе се одржи во Стокхолм, Шведска.
Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ – Скопје и Детски Театарски Центар – Скопје и веќе трета година го реализираат проектот Знакот е гласен во тесна соработка со Туст Театерн (во превод Театарот на Тишината) од Стокхолм – Шведска.
Главната цел на проектот „Знакот е гласен“ е признавање, промовирање и развој на правото на култура и јазик на сите глуви и наглуви лица во Македонија и регионот. Тригодишниот план на проектот води до воспоставување на Регионален центар за развивање на сценска уметност за глуви и наглуви, како и реализирање на потребата за активен културен живот и активно учество во културни настани од страна на глувите и наглуви лица .
„Отворен знак“ е најголемиот, во светски рамки, меѓународен театарски фестивал за глуви кој се одржува во Стокхолм, на кој фестивал се собираат учесници од сите страни на светот каде освен претставите и размената на искуства се одржуваат и многу други едукативни попратни програми на фестивалот.
Учесниците од Македонија, за првпат имаат прилика да бидат дел од еден ваков настан и тоа со официјална покана пратена од Рикстеатерн / Туст театер.
Присуството на еден ваков настан ќе влијае многу позитивно во мотивирањето на нашите глуви актери за во иднина нивната работа да добие многу поголеми и посериозни размери, се со цел за актерите во иднина да бидат по самостојни и да можат и самите да остваруваат театарски проекти. Тоа сигурно ќе биде остварено бидејќи освен претставите, фестивалот изобилува со пропратни едукативни програми, обуки и разни работилници од кои може многу да се научи, особено во ситуација во која на глувите лица во Македонија не им е овозможено соодветно високо образование од оваа сфера. Така што, преку овој фестивал освен што ќе се претстави Македонија, глувите актери ќе добијат нови знаења од врвни светски глуви актери. Овој проект е подржан од Министерството за Образование и наука.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com