Откако пред неполни две години, бистата на охридскиот културен деец Радослав Петкоски беше отстранета од градскиот парк и дислоцирана на градските гробишта, последните неколку денови охридската јавност се погласна околу враќањето на споменикот во централното градско подрачје.
Охриѓани негодуваат дека недозволиво е спомен обележјето на еден охридски деец, да биде поставено на така несоодветно место. Бистата уште во 2005-та година беше дислоцирана од црквата „Св. Јован Канео“ и поставена во градскиот парк, за подоцна поради изградбата на споменикот „Св. Наум Охридски“, да биде преместена на градските гробишта.
„Можеби тематски не се вклопува со револуционерниот амбиент во градскиот парк, но според мене потребно е да се премести на соодветно место. Охрид има голем број на локации, каде оваа биста може да биде поставена. На пример во паркот кај охридско лето.“ – вели еден охридски културен деец.
Други сметаат дека целата приказна со споменикот на Радослав Петкоски, во никој случај не треба да биде политизирана, а надлежните треба да најдат соодветно место за неговото обележје.
„За бистата на Радослав од оној момент кога беше префрлена од дворот на црквата, се до преместувањето на градските гробишта, сето тоа е една несреќна приказна. Како да немаме свест за односот кон културното богатство. Она што ни го оставил Радослав, самите треба да го почитуваме. Тој е еден од најзаслужните охриѓани и сите ние треба со почит да постапуваме кон него.“ – вели револтиран граѓанин.
Од локалната самоуправа потврдуваат дека споменикот на Радослав Петкоски е заведен во општинскиот регистар на спомен обележја, под реден број 20.
„Во регистарот на спомен обележја на општината Охрид, заведен е и споменикот на Радослав Петкоски, кој во прво време беше на локација кај црквата Св. „Јован Канео“. Подоцна споменикот, односно бистата на Петкоски беше преместена во градскиот парк. Меѓутоа за потребите на изградбата на споменикот на Св. „Наум Охридски“, истиот беше дислоциран од тој простор и моментално се наоѓа на градските гробишта.“ – вели Серафим Наумовски, раководителот на Одделението за образование, култура, детска, здравствена и социјална помош од Секторот за јавни дејности, при општина Охрид.
Тој уверува дека овој проблем ќе се реши по локалните избори, со обезбедување соодветно место каде ќе биде поставена бистата на Петкоски.
„После завршување на изборниов процес, ќе се потрудиме да обезбедиме соодветно место кое сигурно нема да ја има судбината како до сега, да биде преместувано. Сигурно како општина водиме грижа и истиот ќе биде дислоциран онаму каде му е местото. Тоа најверојатно ќе биде некаде на потегот на паркот, бидејќи тоа ни е единствено место погодно за локација на овој споменик.“ – додава Наумоски.
Инаку, автор на споменикот кој е подигнат во 1969-та година е Стефан Нестор, а првобитната локација му е кај црквата „Св. Јован Канео“, по што е во 2005-та година е преместен во градскиот парк, за подоцна да биде префрлен на градските гробишта.
O.T.