По двете победи над Куманово и Текстилец на домашен терен охридските ракометари во седмата рунда ги очекува гостување во Радовиш против истоимената екипа. „Гладијаторите“ во досегашниот дел од сезоната немаат извлечено поволен резултат од гостување и претрпеа два порази во исто толку натпревари.

–    Радовиш е една искусна екипа, која игра солиден ракомет на домашен терен. Две сезони игравме меѓу себе во Првата лига и мислам дека се познаваме доволно. Атмосферата во нашата екипа по двете победи во низа на домашен терен е одлична и во Радовиш одиме да се надигруваме – рече тренерот на охридските „бели“, Горан Андоновски.

Еден од подобрите ракометари во охридскиот состав сезонава Крсте Андоновски верува во позитивен резултат на гостувањето во Радовиш.

–  Иако играме на гостински терен многу работи ќе зависат од нас на мечот со Радовиш. Одбраната функционира беспрекорно, но имаме проблем во нападот. На дуелот со Текстилец тоа беше евидетно кога постигнавме само четири погодоци во завршните 20 минути. Ако тоа го поправиме мислам оти можиме да донесиме некој бод од третото гостување – потенцираше охридското лево крило.

Во двете сезони колку што играа Радовиш и Охрид во Првата лига се сретнаа четири пати, а резултатот во победи е изедначен 2-2.

Мх.П.