Охриѓанецот во редовите на Хоризонт Турново, Валентин Кочоски се најде меѓу најдобрите пет тинејџери во македонскиот фудбалски шампионат.
За 17 годишниот фудбалер оваа е дебитанска сезона во елитата. Тој досега веќе има запишано 12 настапи и два пати ја има погодено противничката мрежа.
Кочоски со 17 години е најмлад во петорката која сочинуваат Марјан Радевски (Металург 19г), Дарко Велкоски (Работнички 19г), Јасир Асани (Вардар 19г) и Филип Ристовски (19г).
– Цел ни е да се потпреме на младите фудбалери, бидејќи главните фаворити во првенството Вардар и Шкендија се издвојуваат на финансиски план. На тој начин сакаме да создадеме квалитет во тимот, но и да обезбедиме продажба на играчите. Осумдесет проценти од тимот сезонава го сочинуваат младите фудбалери, за нив е потребно трпение, но целта е да завршиме на првите шест места на табелата и да стигнеме до финалето на Купот – рече за „Нова македонија“ претседателот на Турново, Орце Тодоров.
Кочоски е дел од струмичкиот огранок на Академијата Пандев и во составот на Турново настапува како позајмен фудбалер.
Минатата година охриѓанецот во младинската лига беше најефикасен што беше доволен показател за неговите квалитети.
Мх.П.