Триесет и осум годишниот планинар од Охрид, Мишко Танески, деновиве ќе тргне во нов подвиг. Негова следна цел се Хималаите и врвот Ајланд Пик во округот на Монт Еверест.

– Во периодот од 9-ти октомври до 9-ти ноември ќе се обидам да го искачам врвот Ајланд Пик на Хималаите висок 6189 метри, кој се наоѓа на оддалеченост од 15 километри воздушна линија од Монт Еверест. Ќе бидам во експедиција со српскиот водич Драган Јаќимовиќ, а во мојата група ќе има уште тројца Македонци. Се надевам дека ќе го искачиме врвот околу 29 октомври, вели во ексклузивниот разговор за Ohridnews, Танески.


Експедицијата тргнува на 9-ти октомври за Бугарија, од каде по четиридневни подготвоки преку Белград заминува за Катманду. Искачувањето на Хималаи ќе започне од градчето Лукла преку три кампа до базниот камп од каде експедицијата ќе атакува на врвот Ајланд Пик.

– Ни претстои околу 20 дена ефективно искачување во зависност од временските услови. Најпогоден период за искачување на Хималаите е пред монунските дождови во мај или после нив во октомври, така што очекуваме добро време во наредниот период иако со природата никогаш не се знае. Во Катманду не очекува темпаратура од плус 30, а на врвот Ајланд Пик -30 степени, посочува Танески.


Мишко Танески пред нов предизвик

Врвот Ајланд Пик е еден од потешките за искачување бидејќи во последните 1000 метри има и алпинистички дел, вели Танески.

– Искачувањето на овој врв е во рамки на моите можности сега, пред се заради идните планови да го освојам и врвот Аконкагва во јануари, додава Танески.

А, во идните планови на пештанецот Мишко Танески се разбира е и Монт Еверест. Се зависи од финансиите вели тој.

– Експедицијата на Монт Еверест чини околу 20.000 евра, за разлика од Ајланд Пик која чини околу 4.000 евра. Искачувањето на врвот на светот ќе го оставам за крај има време, затоа што најдобри години за планинарење се од 35 до 47 години, а јас сум сеуште млад и има време да го искачам Монт Еверест, вели Танески.


Танески на Килиманџаро

Тој изрази благодарност до спонзорите и локалната самоуправа со чија помош ќе ја реализира експедицијата на Хималаи. Вели дека се чувствува подготвен за големиот предизвик и верува во успех.

Експедицијата на Хималаи ќе биде филмувана, а сторија за експедицијата ќе биде објавена во специјализираното списание „Зона 2000“. До 9-ти октомври Танески продолжува да се подготвува во Охрид по што ќе тргне во нов предизвик. Зад себе ги има освојувањата на Килиманџаро и Мон Блан, а наскоро се надева дека во книгата на трофеи ќе го вброи и Ајланд Пик на Хималаите.

Горан Момироски