– Сосема случајно гледајќи телевизија од реклама видов дека бараат медицински персонал за болницата „Аспетар“  за ортопедија и спортска медицина – ја започна својата приказна охриѓанецот Стефчо Петан и додаде – Прво аплицирав, а потоа успешно го поминав тестирањето во Букурешт и следуваше договорот за работа, кој без расмилување го прифатив.

Патот на охридскиот физиотерапевт до врвните болници во Катар не беше воопшто лесен. Тој долги години беше неизбежен дел од сите спортски настани во Охрид и Македонија.

– За да се стигнe тука не е ни воопшто лесно и нема случајност. Во Катар бараат знаење и познавање на спортската медицина и искуство, а кога ќе го имаш сето ова тогаш станува лесно. Болницата „Аспетар“ со ангажманот на доктори од целиот свет има за цел да стане водечка клиника во спортска медицина во светот  – рече Петан.

Првите впечатоци по слетувањето на аеродромот не биле баш најдобри за охриѓанецот за земјата која „лежи на нафта“ – Кога пристигнав тука си реков „што ќе правам јас овде“, но по влегувањето во болницата сфатив веќе каде сум дојден и што ќе правам. Првите неколку дена бев сместен во еден oд најреномираните хотели во Доха, а потоа ми озбедија сместување со останатите мои колеги и се стана полесно – раскажува охриѓанецот.

Работното место на физиотерапевтот Петан е во националната селекција на Катар во футсал, а за условите според него е излишно да се зборува – Физиотерапевтот има многу поголема одговорност отколку во македонските болници. Тука ние ги правиме сите анализи, даваме дијагнози и правиме целосен третман за рехабилитација. Во болниците во Македонија физиотерапевтите ги следат само инструкциите од докторот – потенцираше физитиорепевтот Петан.

Следната година Катар ќе биде домаќин на ракометниот мундијал, а во 2022 година на едно место ќе ги собере фудбалските супер ѕвезди.

– Условите за спорт и негов развој се граничат со фантазија. Нив најмногу им лежи фудбалот и живот даваат за него. Ангажираат менаџери, фудбалери и ги интересира се што е поврзано за фудбалот. Секоја екипа која ќе дојде во Доха на подготовки секогаш има на располагање три терени, доктор, физиотерапевт па дури и тренери за кондиција, за голмани и за многу други работи – посочи Петан.


Доха е честа дестинација за зимски подготовки на елитните фудбалски клубови како што се Реал Мадрид, ПСЖ, Баерн Минхен, Барселона, Арсенал и Манчестер Јунајтед. Доаѓањето на овие фудбалски екипи во Катар, а и одржувањето на тенискиот АТП турнир каде победи Рафаел Надал беше одлична можност Стефчо Петан одблизу да ги запознае големите спортски ѕвезди.

– Тие се редовни тука во Катар и клиенти во нашата болница и прават детални прегледи од „глава до пети“. Тие се сосема обични кога ќе дојдат тука иако се ѕвезди во светски рамки. Најмногу впечаток ми остави Златан Ибрахимовиќ, кој навистина е многу фина личност иако неговата ароганција е видлива на теренот. Се одиграа неколку пријателски средби на кои јас присуствав како гледач, но за издвојување е средбата Реал Мадрид – ПСЖ и финалниот натпревар на тенискиот АТП турнир меѓу Надал – Ѓоковиќ, кој во драматична завршница му припадна на шпанскиот ас – ја заврши својата успешна приказна Петан.

Михаил Постоловски