Охриѓанецот Сашо Стефаноски е новиот директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија. Тој по професија е орален хирург и на новата функција доаѓа од позицијата државен секретар во Министерството за одбрана.

Стефановски работел како државен секретар и во Министерството за локална самоуправа, а бил вработен и во Министерството за здравство и Стоматолошкиот клинички центар.

Одлуката Стефаноски да раководи со здравствената каса Владата ја донела на завчерашната седница. Иако портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, само еден ден пред именувањето на новиот директор најави дека владината комисија се’ уште работи на селекција на кандидатите и дека изборот на нов раководител на Фондот ќе биде кон крајот на април, сепак Владата побрза со назначувањето на еден од двајцата директори.

Стефаноски е наследник на Маја Парнарџиева-Змејкова, која поднесе оставка на функцијата директор поради смртта на малата Тамара од Велес. Од Владата немаше коментар која е причината за експресната одлука. Не се знае ни кога ќе биде назначен вториот директор на Фондот, кој според досегашните политики на Владата обично е од редовите на ДУИ.

Според податоците на Владата, на конкурсот за директори беа пријавени над 30 кандидати, иако неофицијалната бројка беше двојно поголема.

OhridNews

Извор:Утрински Весник