Филмскиот режисер, нашинецот Илија Пиперкоски кој живее и работи во Букурешт пред неколку дена доби значајно признание за свој филм чија премиера беше во Скопје во Кинотеката на Македонија. 40. минутниот документарен филм „Јас и  мојот живот без некои работи“  доби многу позитивни критики  и од публика и од критичарите. Во продолжение  текстот кој го опишува дејствието на филмот (преземен од „Утрински весник“).  Му посакуваме на Пиперкоски  нови филмови и нови успеси.

За време на викендот во Кинотеката на Македонија се одржа премиерата на новиот филм на Илија Пиперкоски, студент по режија на Филмската академија во Букурешт, Романија. Станува збор за 40-минутниот документарец насловен „Јас и мојот живот без некои работи“, во кој Пиперкоски заедно со еден Ром кој живеел на улица тргнуваат низ Романија во потрага по неговиот татко. Приказната е многу интересна и потресна, а Илија после неговиот првенец среднометражниот филм „Како го направив својот грев“ снимен во неговиот роден Охрид, покажува дека на него треба да се смета.

„Јас и мојот живот без некои работи“ е солидно направен филм иако Илија го правеше целосно со свои пари и во своја продукција. Во приказната за 22-годишниот Думитру Драгош, кој и покрај ужасниот живот успева да се запише на Академијата за театар и филм во Букурешт, Пиперкоски не додава ништо, ниту ја драматизира. Едноставно, тоа е толку потресна приказна, која тој ја остава да тече многу природно и чисто без непотребни интервенции. Во неа Драгош сам си го раскажува животот и детството кога бил оставен сам на себе, кога најчесто немало кој за него да се грижи, а болната мајка дури два пати се обидела да го убие. Пиперкоски многу добро ќе ја склопи приказната и низ раскажувањето на неговите соседи, и возрасната двојка која некое време ќе го земе да живее кај нив, додека сцената со неговата мајка која боледува од шизофренија ги доведува работите до вистинска кулминација покажувајќи ја целата болка и иронија во животот на овој млад човек.



Во филмот, на кој работеше целосно романска екипа и кој е снимен во Букурешт, Бузау, Фагараш и Клуж, Пиперкоски многу мудро го извлекува и срцето на ромскиот живот низ приказната на чичко му и неговата сопруга. Крајот на филмот, кога Драгош е преполн со измешани чувства за тоа каде понатаму и кога ќе одлучи дека всушност не сака да се сретне со својот татко, е одличен.

Моментно, Пиперкоски му асистира на познатиот романски режисер (со македонско потекло) кој има 30 филма зад себе, а кој во 1992 има освоено „Сребрен лав“ на фестивалот во Венеција за филмот „Хотел де Лукс“. Додека негов нов проект е краткометражниот филм за две девојки кои биле убиени во Романија пред четири години. Во овој филм Пиперкоски се задржува на нивните приказни, бидејќи убиецот до денеска не е најден.

Упорноста на Илија е навистина голема. Тој е на студии по режија на Академијата во Букурешт и досега има направено два филма. Првиот „Како го направив својот грев“ е исто така приказна за македонскиот народ и неговиот менталитет. Додека со вториот филм, со споменатиот документарец тој веќе влезе во главната програма на документарни филмови на најголемиот фестивал во Романија, кој се одржува во Клуж во текот на април. Но, претходно Пиперкоски со овој филм ќе биде претставен и на претстојниот Фестивал на европски филм „Синедејс“ кој ќе се одржи во Скопје од 16 до 23 ноември.


С.К.