На неодамна одржаниот меѓународен интернет натпревар за дизајнирање на спортска маица за тинејџери, на кој беа пријавени шеесеттина кандидати од целиот свет, охриѓанецот Кирил Марин ја понесе првата награда.
Иако графичкиот дизајн за Кирил, кој е студент на Факултетот за безбедност, е негово хоби, постигнатите успеси даваат поинаква насока во неговиот живот.
– Со дизајнирањето започнав сосем случајно пред две или три години и тоа ми беше како хоби, па со тек на време на интернет ги учев програмите и ги најдов меѓународните натпревари за дизајн на различни производи. Се пријавив на неколку од нив и еве победив на натпреварот за дизајнирање на спортска маица распишан од страна на странска компанија за производство на здрава храна. Наградата е парична, но тоа значи и зголемување на рејтингот и поголема промоција на мојата работа за понатаму да добијам можност да работам со што поголем број компании кои ќе имаат потреба од нов дизајн на нивните производи, вели Марин.
Како што нагласува Кирил, дизајнирањето за него е многу интересно и се надева дека во иднина тоа ќе стане и негова професија.
– Сакам да продолжам, сакам да ги дознам сите тајни на дизајнирањето и да навлезам во дизајнерските води. Засега мое е само што повеќе да се залагам и работам со цел да постигнам што поголеми успеси , а со тоа и моето име да стане препознатливо и во иднина да добивам и поголем број понуди од компании во светот, вели младиот охриѓанец.
Кирил соработува и со неколку охридски ресторани за кои го прави дизајнот на мениата, а во моментов чека резултати и од уште неколку други меѓународни интернет натревари за дизајн на кои учествувал .
Т. К.