На осмото традиционална  Гранд при на Црна Гора во планински велосипедизам („Grand Prix Montenegro – Stazama Kralja Nikole“) што во организација на Велосипедскиот Клуб – Цикомонт од Бијело Поље и Велосипедската Федерација на Црна Гора се одржа викендов, во конкуренција на јуниори убедлив триумф забележа членот на ВК „Екодром“ Јован Јованоски. Покрај него на напорната патека од 6,4 километри на која се возеа 4 круга во јуниорска, односно 3 во кадетска конкуреција, учествуваа уште и Петар Упевчески – јун. и Новица Велјаноски и Филип Петрески -кад, кои исто така остварија одличен успех.


Во категорија на Јуниори фаворитот Јован Јованоски повторно соло на патеката со голема разлика пред своите конкуренти. Петар Упевчески уште во првиот круг предолго се задржа во техничката зона поради проблеми со синџирот, со што падна на последна позиција. Сепак го даде својот максимум и трката ја заврши како петти што претставува огромен успех за него, прокнижувајќи ги првите неофицијални УЦИ бодови.


    
Во категоријата на Кадети, огромен успех за Новица Велјаноски кој се заќити со сребрениот медал, подобрувајќи ја својата позиција за две места во однос на  претходниот натпревар Трофејот Црна Трава во Србија. На оваа трка од кадетите за прв пат дебитираше на меѓународна трка Филип Петрески, ја заврши на шестото место и покрај проблемите со дупната гума на задното тркало при што мораше да извози повеќе од два километри за да дојде до техничката зона. Доколку спортската среќа го послужеше големи беа шансите да се бори за бронзениот медал.


     
Следена велосипедска трка е најважниот натпревар од календарот во планински велосипедизам на ВФМ. Наредниот викенд од 20/21.07 во органзиација на ЕБТС – ПроБајк –  Скопје на падините на Шар Шланина ќе се одржи Националниот Шампионат, од кој треба да произлезат државните прваци според сите категории.

OhridNews