Повеќе од една година во склоп на рубриката спорт на Ohrid News, Јане Лабоски ги „храни“ обложувачите со предлог типови од сите спортови.

Анализите и предлог типовите на охриѓанецот во просек се повеќе од успешни, но, никој не може да гарантира и да знае за крајниот исход од мечот.

– Типовите ги наоѓам на интернет (порталите за обложување). Потоа тие типови ги анализирам според традиција, па дали некој е повреден од играчите,формата и слично, а и ги пратам колку што може да се постигне и натпреварите. За исходот на мечот никој не е сигурен бидејќи во последно време аутсајдерите изненадуваат се повеќе и повеќе  – рече Лабоски.

Линијата помеѓу обложувањето од забава и хоби и зависност е многу мала, а според нашиот соговорник тоа зависи од самата индивидуа.

– Имате луѓе кои пратат спорт и се обложуваат колку да им е поинтересен натпреварот, има луѓе кои не знаат што е офсајд во фудбалот, а уплаќаат големи пари со надеж дека ќе се збогатат. Често се одбира обложувањето или игрите на среќа за што побрзо стигнување до некои финансии кои се неопходни и потребни, а народски кажано тука „леб нема“ – додаде Лабоски.

Нема спорт во светот во кој нема сомниние дека некои од актерите или пак сопствениците не го знаат крајниот исход пред почетокот на мечот, а особено фудбалот, во кој се „игра“ за вртоглави цифри.

– За жал тоа е дел од спортот и сите федерации се вклучени и прават се за да го искоренат најголемото зло во спортот.  Во последно време нема до толку местење колку што се изедначени екипите, со други зборови сите играат фудбал и сите сакаат да победат, нарочито помалите екипи против поголемите – потенцираше нашиот соговорник.

Фудбалот најмногу му лежи на Лабоски, а најтежок спорт за типување му е тенисот каде се зависи од играчот од неговата моментална форма и среќата во секој меч.

 

Мх.П.