Охриѓанецот Димитар Димоски е авторот на расказот „Мојата куќа во крс’ џамија“ што годинава беше награден на конкурсот за краток расказ „Живко Чинго“. Расказот беше испратен под шифра „Куќа“, а жирито во состав Смиле Наумоски – претседател и членовите Тоде Илиески и Милчо Јованоски од вкупно 73 токму овој расказ го избраа како најдобар.

Младиот Димоски ќе биде награден со 30.000 денари, а наградата ќе му биде врачена на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која ќе се одржи на 13-ти август во охридското село Велгошти.

Димитар Димоски е роден на 15.01.1992 година во Охрид. Димитар е дипломиран економист, а со пишување почнува активно да се занимава во последните неколку години. Добитник е на награда од конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за најдобар расказ во 2014 година. Член е на литературниот клуб „Григор Прличев“.

OhridNews