Големо снежно невреме од вчера беснее во САД. Најпогодени се источниот брег и северот на земјата, каде врнежите од снег се најинтензивни. Загрозени се 60 милиони граѓани.
Поради снежното невреме во погодените подрачја вчера беа затворени училиштата и јавните установи. Во Њујорк не работеше подземната железница, на сила беше забрана за возење на автомобили, а илјадници летови беа откажани.
Иако се очекуваа рекордни врнежи од снег од над еден метар, во Њујорк сити снежната покривка беше значително помала од очекувањата. Тоа ни го потврди и нашиот охриѓанец, познатиот џез и фанк музичар Владимир Четкар, кој претстојниот викенд ќе настапи во култниот њујоршки клуб „Блу Ноут“.
-Во Њујорк нема многу снег, некако невремето го заобиколи, многу повеќе падна снег на север од тука. Атмосферата е тивка, иако не е многу студено местата се претежно затворени, се стравуваше дека ќе биде многу полошо. Нема јавен превоз, на сила е забрана за движење со автомобили, но веќе денес се очекува состојбата да се нормализира.-изјави за OhridNews Владимир Четкар.
Владимир Четкар: Снежното невреме го одмина Њујорк
Состојбата во најголемиот американски град, каде наврнаа околу 20 сантиметри снег, денеска се нормализира. Светските медиуми пренесуваат дека Њујорк бил парализиран од метеоролошката прогноза, а не од снегот, што предизвика значителна економска штета.
Г.М.