Нашиот сограѓанин Борис Џепароски кој живее во Германија, деновиве ни испрати писмо во кое раскажува за својот живот и работа таму. Господинот Џепароски  е уметник кој има изработено повеќе уметнички дела во Македонија и Германија. Сите што го посетиле  манастирскиот комплекс Св. Наум сигурно ја виделе скулптурата на Св. Наум која ја изработи токму Џепароски. Исто така во Германија има изработено импозантна скулптура на Исус.

Градската управа на градот на градот Дорнхан, каде што тој живее, неодамна го замолила Борис Џепароски да изработи скулптура од две стебла на костени кои биле многу стари и кои секако требало да се сечат бидејќи претставувале опасност за безбедноста. Оваа покана  претставувала чест за Џепароски и по извесно размислување тој решил да направи скулптура „ Македонија – Феникс“, а инспириран и погоден бил од загинувањето на македонските мировници во хеликоптерската несреќа на 12 јануари. Скулптурата во дрво ја изработил за три дена(од 16 до 19 јануари), а свечено била предадена на 25 јануари, на роденденот на Тоше. Господинот Џепароски кој е голем верник и почитувач на Тоше, решил токму  на неговиот роденден и во негова чест да ја предаде скулптурата која е негов подарок за Дорнхан и е симбол на македонско-германското пријателство. 


Борис Џепароски-десно со неговото најново уметничко дело

Сулптурата претставува девојка која во рацете држи феникс и е висока околу три метри. Девојката е Македонија и е како слиена со фениксот и затоа е бесмртна. Крилата на фениксот се шестнаесеткракото македонско сонце, а на опашката има три пердуви што ја означуваат Егејска, Пиринска и Вардарска Македонија. На скулптурата има плочка со посвета дека е изработена во чест на македонско-германското пријателство, а посветена на Тоше Проески. Господинот Џепароски по повод откривањето на скулптурара дал многу интервјуа во кои го потенцирал ликот, значењето и делата на Тоше и повторно го поврзал Тоше со Фениксот:„Фениксот лечи со солза-Тоше лечеше со насмевка“ , вели во изјава за германските медиуми, Борис Џепароски.


македонски Феникс во Германија во чест на Тоше

Може да додадеме дека Охрид и Македонија се гордеат што во светот имаме луѓе како Борис Џепароски.

Јасминка Т. Момироска