Реал Мадрид – Манчестер Јунајтед е топ натпревар, кој цел свет сака да го доживее. Имам срeќа да сум во живо на „Сантијаго Бернабеу“ стадионот. Службено. Чувството е како да чекаме финале од Лигата на шампиони. На прес конференцијата, вчера, имаше 37 снимателски екипи, шпански и интернационални  и сигурно над 100  новинари. Специјално за OhridNews, еден краток осврт на атмосферата пред големиот натпревар.


Тука сум како репортер на Холандската национална телевизија. Наш снимател вечерва има резервирано место позади еден од головите и негова задача е само да го следи Робин ван Перси со камерата. Ван Перси моментално е гордоста на холандскиот фудбал. Топ ѕвезда. Мирен, не арогантен. Класа играч со стил. Од тие снимки после ќе се направи филмче со музика во комбинација со негово интервју.

Моја задача е да направам репортажа и извештаи за вечерашниот натпревар. Како на пример за синоќешните вести на телевизијата. Стигнавме понеделникот вечерта, сместени сме во хотел на 5 минути од стадионот на Реал. Вчера сабајле требаше да го снимиме тренингот на Реал. Тоа звучи романтично, феноменално, но не е така, со илјада новинари од цел свет дозволено е максимум снимање 15 минути. За среќа мојот снимател сними убава сцена како Роналдо изведува „магија“ со топка. По истекот на дозволеното време  го напуштивме новиот и модерен тренинг камп на Реал „Алфредо ди Стефано“.


Во 18 часот прес конференција одржа Жозе Мурињо. Салата е преполна, начичкана. Како да го чекавме Обама, или папата. И ете го. Влегува “the special one”. Седнува, пред него десетина фотографи, фацата му е како да го имаат пред две минути разбудено и како да му пренеле тогаш: Еј тренеру имаш средба со новинари од целиот свет. Мурињо седи опуштено. И јас би седел така со 75 милини евра на банка.


Професионално ги одговара сите прашања. На шпански, англиски, португалски. Тешко е да добиеш шанса. До него седи портпаролот на Реал Мадрид. Тој гледа нон стоп лево десно на кој 10-15 новинари да им даде можност за прашање. Тој одлучува, тој е режисерот. Сите мафтаме со раце, пенкала, правиме мимики. Јас му давам мал сигнал. Тој со мимика ми вели: полека, здравје, ќе видиме, можеби, уживај. Наеднаш Мурињо се смее за нешто и како оси сите фотографи ја фатија позата: клик, клик, клик, клик. Таа фотографија после прес конференцијата молневито се рашири низ целиот свет.

Прес конференцијата траеше 15-на минути. Сум имал среќа. За Холандската телевизија. Со Македонско потекло. Портпаролот нагласува: „last question for him overthere“.Се претставувам. Го прашувам нешто за Робин ван Перси. Мурињо ме гледа кратко во очи и ми одговара педесетина секунди. Потоа си замина. Јас среќен, како мало дете. Успеав во овој хаос. Искрено одговорот му беше стандарден, ништо посебно. Но во тој момент не е важно. Му благодарам на портпаролот. Се е ритуал, игра. Мурињо не мрази, ама истовремено му сме и потребни.


Следува средба со Алекс Фергусон. Сега имам повеќе среќа. Имам контакт со Фергусон. Го прашувам: „mister Ferguson, if we look to Messi, Zlatan, Ronaldo..how special is Robin Van Persie?“. Добивам одговор од 30-на секунди. Готово, немаш повеќе шанса да прашаш друго прашање. Нашата задача на крајот во оваа фудбалска џунгла е успешна. Добивме максимум, повеќе не можеш да искористиш во вакви моменти. Треба да бидеш задоволен со малку. И да имаш среќа Ја монтираме репортажата од три минути. Од 20 до 21.30 часот. Во 22 го праќаме извештајот преку сателит до Холандија. Во 22.40 е на вести.


Кога ги зедовме вчера акредитациите видов дека имаме една екстра карта. Не новинарска, туку за гледалиштето. Му се јавувам на Дејан шура ми во Охрид. Ајде идај одма! Кутриот се збуна. Мислеше дека го зафркавам. Бараше авионска карта Скопје – Мадрид. Конечно најде – 1200 евра!!! Никако. Да имаше за 200 ќе средевме. Се си има своја цена. Дејан нервозен и збунет. Нека биде вечер натпреварот најфеноменален, не знам дали вреди 1200 евра или 2-3 македонски плати. Проклет живот. Секаде, било каде на светот. На Мурињо и на фудбалерите им е лесно да се смеат цел ден, 24 часа. Тоа е . Ама сите треба да сме задовозлни со тоа што го имаме. И тоа е богатство.

Владо Велјаноски
новинар на холандската телевизија НОС Студио Спорт

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.