Во јапонската престолнина Токио, вчера, се одржа премиера на најновиот филм на славните холивудски актери Силвестер Сталоне и Арнолд Шварценегер „Escape Plan“.

Филмот го промовираше лично Шварценегер, кој е еден од најомилените ликови во Јапонија. Ова е негово второ доаѓање во Јапонија годинава, каде тој често навраќа. За неговата популарност говори и фактот што Арнолд Шварценегер има снимено и повеќе видео реклами за познати јапонски фирми. 

Прес конференцијата и премиерата на филмот на која присуствуваше соработникот на OhridNews од Токио, Адријан Битрак, мина во одлично расположение. Шварценегер со насмевка и многу позитивна енергија разговараше со своите фанови, со кои сподели интересни детали околу снимањето на филмот „Escape Plan“.


Адријан Битрак – соработник на OhridNews од Токио

Шварценегер истакна дека филмот во кој глуми заедно со уште една холивудска легенда, Силвестер Сталоне, всушност била нивна дамнешна желба, но за остварување на соработката се чекала добра сторија.

-Да се соработува со Сталоне е големо задоволство. Ние сме одлични пријатели во приватниот живот, но на филмското платно Силвестер е вистински перфекционист.-истакна Арнолд Шварценегер. Тој кажа една интересна анегдота поврзана со филмот. Имено, кога се подготвувал филмот проструила информација дека наводно ќе има борба помеѓу двајцата актери. Запрашани кој ќе победи и двајцата одговориле:„Јас“.

Арнолд се осврна и на седумгодишната пауза од филмот, период во кој се бавеше со политика, односно беше гувернер на Калифорнија.

-Чувствував одговорност кон Калифорнија која ми ги отвори вратите. Таму направив извонредна кариера, заработив, створив семејство, па сакав на некој начин да и се оддолжам. Сега после поголема пауза од филмското платно ќе речам: „I’m back!“-изјави Шварценегер.

Адријан Битрак
соработник на OhridNews од Токио