СВР Скопје поднесе Кривична пријава и Посебен извештај до ОЈО Скопје  против Н.К.(44) од Охрид – директор на ГАЛАКСИЈА 90 ДООЕЛ Охрид и В.Г.(39) од Крагуевац, Р.Србија, поради постоење на основано сомнение дека во текот на јануари и февруари со намера за себе да прибават противправна имотна корист во вкупна вредност од 78.427,00 евра или денарска противвредност од  4.822.476,00 денари, ги довеле во заблуда, со лажно прикажување факти – фалсификувани СЊИФТ-ови за наводно извршено плаќање на трговска стока – одговорните лица на две фирми ИНТЕРСИЛВЕР АД Белград и ЕЛЕКТРОИНВЕСТ Ниш по што истите сметајќи дека плаќањето е навистина извршено, ја испорачале стоката во Македонија со што ги оштетиле двете фирми од Србија за наведениот износ. На тој начин Н.К. сторил кривични дела „измама“ и „посебни случаи на фалсификување на исправа“, а Г.В. кривично дело „поттикнување“. Истражниот судија на Н.К. му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, а В.Г. се уште е недостапен за органите на прогонот.

Имено, Н.К. во својство на основач и управител на правното лице ГАЛАКСИЈА 90 ДООЕЛ Охрид поттикнат од  В.Г. во текот на Јануари 2009 телефонски контактирал со одговорни лица од фирмата ИНТЕРСИЛВЕР АД Земун, лажно претставувајки се како Ангеловски Наум, сопственик на фирмата ГАЛАКСИЈА 90 од Охрид, барал од нив да набави стока со писмено изготвена нарачка по вид и количина на „Силвер“ жилети од 27.01.2009 во вкупен износ од 62.987.76 евра. Плаќањето за набавената стока било договорено да се изврши авансно со приложување на банкарски документ како доказ дека парите се префрлени на нивна сметка. Н.К. кој што претходно бил подучен и поттикнат од  В.Г., до одговорните лица на ИНТЕРСИЛВЕР АД Земун, на 26.01.2009 испратил факс со податоци од СЊИФТ наводно издаден од АД Стопанска банка Скопје, за наводно извршено девизно плаќање во износ од 62.987.76 евра за претходно нарачаната стока, при што биле впишани-фалсификувани сите потребни податоци кои се карактеристични за банкарско електронско плаќање за да изгледа дека СЊИФТ-от е изготвен од валидна банка односно дека е извршено плаќање по издадена профактура од ИНТЕРСИЛВЕР. По добивањето на банкарскиот СЊИФТ стоката била испорачана, но не било извршено царинење на Царинскиот терминал во Куманово поради тоа што фирмата ГАЛАКСИЈА 90 немала царински број и била препратена на терминалот во Струмица каде е извршено царинењето. На 06.02.2009, од страна на ИНТЕРСИЛВЕР до СВР Скопје е доставена пријава со известување дека управителот на ГАЛАКСИЈА 90 ДООЕЛ Охрид кој се претставувал како Наум Ангеловски (со него контактирале преку е-маил и мобилен телефон) извршил нарачка за купување на стока во вредност од 62.987.76 ЕУР и истата ја платил со фалсификуван СЊИФТ наводно издаден од АД Стопанска банка Скопје. Освен пријавата од ИНТЕРСИЛВЕР се доставени и фалсификувани документи за правното лице ГАЛАКСИЈА 90 од Охрид-извод од централен регистар за ова правно лице со впишани фалсификувани податоци за сопственикот и имотот на ова правно лице добиени по факс доставен од ГАЛАКСИЈА 90 на пријавителот. Во врска со добиената пријава, веднаш се извршени проверки при што е утврдено дека на царинскиот терминал во Струмица на 30.01.2009 од страна на ГАЛАКСИЈА 90 е извршено царинење на жилети за бричење, со посредство на шпедиција АТРИКС од Струмица, при што како гаранција биле депонирани девизни средства од страна на пријавените. На идентичен начин тие извршиле порачка на стока со фалсификуван СЊИФТ и од фирмата ЕЛЕКТРОИНВЕСТ од Ниш. Имено, на 26.01.2009 на М.В.(брат на директорот Н.В.), по телефон му се јавило лице од Скопје кое се преставило како Наум Ангелески и побарало од нив да купи (инсталациони прекинувачи) со образложение дека во Македонија се појавиле многу плагијати на овие осигурувачи. По разговорот од страна на фирмата ЕЛЕКТРОИНВЕСТ од Ниш-Р.Србија, пуштена е профактура на износ од 15.440 Евра. По ова од страна на Наум Ангелески, профактурата била прифатена, при што се договориле бараниот износ да се плати авансно. Од страна на ГАЛАКСИЈА-90 ДООЕЛ Охрид до фирмата ЕЛЕКТРОИНВЕСТ од Ниш била пратена копија од извод од Централен регистар од кое што се гледала имотната состојба на горенаведената фирма како и фалсификуван СВИФТ со кој што било извршено наводно плаќање. На 03.02.2009 пред да се натовари робата, Наум Ангелески повторно се јавило во фирмата ЕЛЕКТРОИНВЕСТ од Ниш, со образложение дека уплатата на парите ќе доцни, поради тоа што секретарката направила грешка во однос на тоа кој ќе ја плати банкарската провизија и поради тоа според изјавата на Ангелески парите ќе задоцнеле за еден или два дена. По ова, од страна на одговорното лице од ЕЛЕКТРОИНВЕСТ биле направени проверки во банката ИНТЕЗА од Ниш, каде што им било објаснето дека свифтот најверојатно е во ред и дека во однос на тоа кога парите ќе легнат на сметка не можат да гарантираат. Вечерта ЕЛЕКТРОИНВЕСТ ја натоварил стоката и на царински терминал-Ниш истата била оцаринета. Следниот ден, повторно во ЕЛЕКТРОИНВЕСТ се јавил Наум Ангелески со објаснување како дошло до доцнењето со наплатата и во текот на овој разговор им кажал дека робата е пристигната и дека се задоволни од квалитетот. На 05.02.2009 од страна на Н.В. е направен обид повторно да се стапи во контакт со Ангелески, но сега истиот не бил недостапен. По ова од страна на директорот Н.В. била повикана Стопанска банка Скопје на која што е пратена копијата од свифтот и од каде што му одговориле дека истиот е фалсификуван. Инаку, второпријавениот веќе подолг временски период се појавува како сторител на кривично дело измама заедно со други лица од Македонија при чие вршење користи идентичен начин на извршување како и во гореспоменатото кривично дело за што пред Основен Суд Скопје И, се спроведува истрага над Р.Л., Р.Ж., И.С. и други.

извор: МВР