Охриѓанецот Сашо Максимоски – Карпуз, е првиот Македонец кој се натпреварува професионално во светската серија „WDF“ во пикадо. Тој неодамна учествуваше на отворениот турнир во Апатин, Република Србија, каде во конкуренција на деведесеттина натпреварувачи успеа да обезбедни пласман помеѓу најдобрите 16 на турнирот.

-Со оглед дека ова ми беше прв професинален турнир и прво одмерување на силите во регионални рамки, искуството кое го добив е значајно и големо, дотолку повеќе ако се има предвид фактот дека на натпреварот во Апатин триумфираше хрватскот Борис Крчмар, кој инаку е светски шампион во електронско пикадо. – изјави за „OhridNews“ Максимоски.

Со пласманот на натпреварот во Србија, Максимоски обезбеди учество на силниот турнир што од 11-13 септември ќе се одржи во Софија, Бугарија.

Максимоски пикадо игра подолго време. Додека беше популарно во градот тој околу пет години играл електронско пикадо, а веќе една година сега игра пикадо на плутана мета. Тој е голем ентузијаст, бидејќи во земјава нема ниту професионален клуб за пикадо, ниту федерација. Тренира сам, дома и на работа по завршување на обврските во „Табана“.

-За турнирите и настапите се информирам сам преку интернет и тоа благодарение на српската пикадо федерација, која го објавува календарот на натпревари. Исклучително се гостопримливи и бев топло примен на отворениот турнир во Апатин од каде се враќам со позитивни импресии.- рече Максимоски.

Тој за поддршка се обратил до Агенцијата за млади и спорт, од каде, како што вели, слатко се насмеале на барањето информации околу критериумите за доделување помош за настап на турнири во пикадо. Но поддршката не изостана од охриѓани. На првиот професионален турнир Карпуз отпатувал благодарение на спонзорите: „Вила Табана“, Консалтинг „Јанко III“, хотел „Александрија“, „Хотел „Мизо“, „Охридски бисер“ – Мишо Филев, „Куба Либре“, „Shoping USA“, „Објектиф“, Владимир Чобанов, Дончо маркети „ДОН“, бутик „Авангард“, Русе Кралев, Гоце Попоски, Теодор Грамосли, шнајдерско студио „Александра“…

Максимоски вели дека ќе продолжи напорно да тренира, а желба му е еден ден да заигра со најдобрите пикадо играчи во светот во Премиер лигата, чии натпревари се емитуваат на спортските канали „Eurosport“.

Г.М.