Охридскиот регион има конкурентни фирми и економски потенцијал кој може да биде исклучителни интересен за италијанските компании, вели Љупчо Андоновски, Македонец со охридски корени, кој веќе 18 години живее и успешно работи во Венеција, Италија. Тој неодамна престојуваше во Охрид и сака во иднина да воспостави деловни контакти помеѓу наши и италијански фирми.

-Агендата е огромна бидејќи откривам дека Охрид има многу интересни фирми кои не се познати никаде, а имаат големо производство и интересна работна рака. – вели Андоновски. 

Дали ќе се воспостават конкретни деловни контакти помеѓу фирми од Охрид и Венеција зависи само од нас, смета Андоновски. 

-Јас можам да донесам во Охрид заинтересирани компании од Венеција во секое време, но тоа зависи колку охридските фирми и градот воопшто се заинтересирани за тоа. Доколку сакаат и изразат подготвеност средбата може да ја реализираме за една недела. – рече Андоновски. 

38-годишниот Андоновски е ловец на бизниси. Во фокусот му се интернационални бизниси, а меѓу другото во Венеција се занимава и со производствио на скапоцен накит и уникатна висока бижутерија.

-Го промовирам и Охрид од каде меѓу другото набавувам накит.-открива Андоновски.

Дека неговата приказна е исклучително успешна говори и фактот што тој е првиот Македонец член на градскиот совет на Венеција, која инаку важи за најбогатата општина во Италија. Во политиката влегол, како што вели, за да ги промовира интересите на македонската заедница во Италија.

-Во кругото на Венеција има околу 18.000 македонски граѓани, а јас сум единствен кој живее во центарот на Венеција. Интересот да влезам во политиката беше за да се слушне нашиот глас. Конечно кога добивме италијански статус тоа можевме и да го истакнеме. На локалните избори кои се одржаа оваа пролет јас бев координатор на гласачките места и кандидат за советник на партијата „Ново центро дестра“. После 25 години левицата е симната на власт во Венеција, а горд сум што придонесов како Македонец нашата политичка опција да победи.-рече Андоновски.

Љупчо Андоновски е претседател на огранокот на „Ново центро дестра“ за Венеција, чиј претседател е актуелниот вицепремиер на Италија Анџелино Алфано, кој лично го назначил на лидерската позиција во градот на гондолите.

-Не знам колкумина пред мене биле во италијанската политика со македонско потекло, но сметам дека е извонреден успех наш човек да биде толку високо позициониран во политичките кругови во Италија и би сакал сето тоа да се цени и од македонска страна, затоа што мојата цел е да помогнам во зближување на двете земји, да се воспостави поголема економска и друга соработка.-истакна Андоновски.


Љупчо Андоновски

Тој вели дека ќе настојува да ги промовира Македонија во Италија, односно Охрид во Венеција и дека ќе ги искористи своите познанства и политички релации во тие цели.

-Имате човек во советот на Венеција кој е близок соработник на тамошниот градоначалник кој може да помогне во насока на збратимување со Охрид, во претставување на компании од градот и Македонија, а за возврат не барам ништо, само да се искористи моето присуство и да се цени тоа во Македонија.-рече во разговор за OhridNews Андоновски.

Андоновски вели дека е во контакт со надлежните институции во Македонија. Тој бил еден од кандидатите за економски промотор на земјата во Италија, така што му се познати економските прилики и потенцијали на земјата.Вели дека желба му да може и официјално на институционално ниво да ја претставува Македонија во Италија, со што би можел многу поефикасно да лобира кај италијанските компании да инвестираат кај нас.

-На некој начин би можел да бидам гарант за итлијанските фирми бидејќи работам и имам бизнис во Италија, но истото да го правам и за македонските компании.-рече Андоновски.

Поради бројните обврски Љупчо нема многу слободно време, но се обидува секогаш кога тоа е можно да ја посети Македонија. Се надева дека набрзо ќе дојде повторно, овојпат со компании од Италија за кои верува дека можат да најдат интерес за деловна соработка со фирми од охридскиот регион.

Горан Момироски