Согласно распределените обврски, Министерството за транспорт и врски ќе ги преземе активностите за изградба на пешачки патеки, а општините ја преземаа обврската за поставување на урбаната опрема и хортикултурното уредување на патеките.
-Реализацијата на овој проект ќе овозможи повеќекратни придобивки, меѓу кои и создавање на алтернативен простор за поминување на слободното време во општините во Република Македонија каде има природни езера и вештачки акумулации. Меѓутоа, уште поважно е тоа дека ќе создадеме простори кои ќе бидат во согласност со туристичките стандарди, места кои ќе им служат за спорт и рекреација на домашните и странските туристи, на тој начин зголемувајќи го интересот за посета на овие предели.-беше објаснето на вчерашната презентацијата на овој проект.
Според Акциониот план за реализација на овој проект, усвоен од страна на Владата на Република Македонија во неговата првата фаза е предвидено уредување на крајбрежјата крај Мавровско Езеро, Езеро Младост, Дојранско Езеро и Крушевско Езеро. Во втора фаза ќе се уредуваат крајбрежјата на Дебарското Езеро, Беровското Езеро и Прилепското Езеро, а во третата фаза ќе го опфати уредувањето на крајбрежјата на Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Глобочичкото Езеро. Во рамки на четвртата фаза се предвидува да се уредуваат крајбрежјата на Тиквешко Езеро, Езеро Водоча, Езеро Мантово, Езеро Турија, Езеро Калиманци, Езеро Матка, Езеро Треска, Езеро Градче, Езеро Паљурци, Липковско Езеро, Езеро Козјак и Езеро Мавровица.