Локациите на охридското крајбрежје се најатрактивни за градба, a Охрид е најинтересен за инвеститорите и секако за купувачите на станови, вели Богдан Настески Герман до Секторот за урбанизам при Општина Охрид во емисијата „Напладне“ на OhridNews.
Градежната офанзива е силна, вели, но Охрид пред многу години беше индустриски град, запре индустријата и луѓето се пренасочија кон хотелиерството, кон туризмот и од тоа живеат.
Секако дека има потреба од капацитети, но треба да се регулираат на поинаков начин. Хотелските капацитети недостасуваат и ќе недостасуваат. Охрид има потреба од некој елитен туризам. Во изминатиот период се јавуваат инвеститори од странство кои се заинтересирани за вложување. Но, тоа што препораките на УНЕСКО го даваат е дека Охрид не може повеќе да се шири надвор од генералниот урбанистички план што ги ограничува нашите можности за понуда. Процедурите во крајбрежната зона се многу тешки. Веќе има изграден некој фонд на хотелски комплекси кои се надеваме дека во иднина и тие ќе бидат интересни за инвеститорите да се реновираат, да се подобри услугата и понудите, вели Настески.
Генерално во препораките и на мисијата на УНЕСКО е дека во Охрид треба да се воведе генерален мораториум на сите градби, a ние со спроведување на плановите го почитуваме Планот за управување на УНЕСКО, така што сме прилагодени кон условите кои ги наложиле, потенцира.
Како се исполнува овој фонд за изградба на крајбрежјето, луѓето неминовно се повлекуваат и на периферија. Имаме и староседелци кои веќе бараат да се повлечат од центарот. И добро би било после повеќе од дваесет години малку да се децентрализираме и градот да го развиеме кон селата, да се дисперзираат малку градбите, вели.
Додават дека во однос на извештајот на УНЕСКО не очекува дека Охрид ќе биде ставен на листата на загрозени подрачја, затоа вели сме тука и се бориме. Ограничувањата за градби, вели, се по зони и во тој дел се почитува спроведувањето на урбанистичките планови.
Додава дека повеќе од 200 предмети има во Секторот за урбанизам и за разлика од другите градови Охрид има План за управување со природното и културно наследство кој мора да се почитува што значително ја отежнува постапката за донесување на урбанистички планови.
Н.С.Ј.